Премиерот Димитриев со владина делегација во посета на Латвија
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, и владина делегација од денеска (петок, 04.11.2016 година) до недела (06.11.2016 година) ќе престојуваат во Рига, Република Латвија, каде што се предвидени поголем број на активности во рамки на Самитот на земјите од средна и источна Европа и Народна Република Кина.
Во рамките на престојот премиерот Димитриев, придружуван од членови на Владата, во сабота, 05.11.2016 година, ќе присуствува на Петтиот состанок на шефовите на влади на земјите од средна и источна Европа и Народна Република Кина, состанок кој е централна точка на Самитот.
Овој Самит се одржува петта година по ред, и негова основна цел е унапредување на мултилатералната соработка на земјите учеснички, како и унапредување на билатералната соработка на секоја од земјите учеснички со Народна Република Кина. Како дел од досегашната соработка, поголем број на земји учеснички веќе се во фаза на реализација на економски, инфраструктурни, трговски, културни и социјални проекти. Република Македонија реализира проект за изградба на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид.
Како дел од активностите на маргините на Самитот, во текот на денешниот ден и во недела, премиерот Димитриев ќе оствари политички и економски средби, меѓу кои е предвидена и средба со премиерот на НР Кина, г-дин Кечијанг Ли.
Владината делегација ќе присуствува и на бизнис форумот кој е во организација на Република Латвија и Народна Република Кина, а на кој ќе присуствуваат премиерите на земјите од средна и источна Европа.