Министерката Јанкуловска во Охрид на Годишното собрание на Централниот совет на Македонскиот полициски синдикат
Во Охрид денеска се одржа редовното годишно Собрание на Централниот совет на Македонскиот полициски синдикат, во чии рамки се одржа и работен состанок на членството на кој беа анализирани активностите спроведени во текот на 2011 година, беа определени и точките врз кои ќе фокусира работата на Синдикатот во текот на наредната 2012 година, но и определена пошироката визија за активностите на синдикалното дејствување во иднина.
Обраќајќи се пред членовите на Синдикатот министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска истакна средбата во Охрид е уште една можност за размена на мислења и ставови по однос постигнатите резултати, начинот на заедничкото работење во МВР, но и прилика да се поразговара за сите проблеми со кои се соочува еснафот.
- Во оваа прилика сакам да констатирам дека МВР дури и во услови на голема економска криза, за разлика од службите од соседството и пошироко каде се забележани изразени рестриктивни мерки, успеа во целост да одговори на сите поставени задачи. Тука пред се мислам на извршувањето на основните функции на државата, но и во исполнувањето на обврските кон нашите вработени. Нашата заедничка желба и цел како социјални партнери и понатаму останува подобрување на условите за работа, почитување на правата од работениот однос и овозможување колку што е можно да се одржи чекор со најновите методи на полициско работење, истакна Јанкуловска.
Независно одредените несогласувања во текот на разговорите со Македонскиот полициски синдикат, по прашања кога се работи за остварувања на одредени права на вработените во МВР, министерката нагласи дека тоа е природно кога има две страни за разговор да се води дијалог за да се стигне до заклучоци, но нагласи дека и Министерството и Синдикатот секогаш имале иста цел и заеднички интерес – да се обезбедат што подобри услови за работа за сите вработени во МВР, во зависност од можносите.
- Тоа значи дека условно речено партнерот од другата страна на преговарачката маса не секогаш е партнер со кого лесно се преговара, но сметам дека тоа е причина повеќе и заради која во многу наврати токму барањата на синдикатот станаа и реалност односно успеавме да одговориме на некои потреби на нашите вработени, пред се Законот за внатрешни работи кој наиде на голем отпор кај одредени структури во јавноста, но Македонскиот полициски синдикат цврсто застана зад одбраната на правото за пензионирање под посебни услови. Неслучајно го издвоив тој пример бидејќи се работи за системско решение кое влијае врз кариерата, работниот век на сите наши вработени. Во оваа прилика сакам да потенцирам дека голем дел од укажаувањата на полицискиот синдикат што се однесуваат на потребите за нормално функционирање на Министерството беа земени во предвид при структуирањето на буџетот за 2012 година, што значи дека сите недостатоци во опрема и потреби за кои сме зборувале, а не се реализирани, ќе се обидеме во текот на 2012 и годините што следуваат да ги реазлизираме, за повторно да дојдеме до оптимално ниво, истакна Јанкуловска.
Претседателот на синдикатот Тихомир Климоски изрази задоволство од динамиката според која се одвиваат контактите со Министерството, како работодавач и социјален партнер во разговорите.
- Нашата релација е контруктивна и кооперативна. Се надевам дека и во иднина ќе продолжи ваквата пракса, во интерес на нашите вработени. Почнуваме нова година, година во која очекуваме да продолжат и оние активности чија реализација во одредени фази можеби малку застанаа. Во фокусот ќе ни биде имплементацијата на т.н. систем на кариера, кој е единствен за висока професионализација на нашите колеги, рече тој.
Во обраќањето пред учесниците на годишното собрание Климоски укажа на воочените негативни активности и дејствија на поединци во службата, за кои нагласи дека не смее да се генерализираат.
- Токму високата професионализација е одговор во насока на отстранувањето на таквите појави. Македонскиот полициски синдикат со сите свои капацитети и сета располоива структура ќе работи на тоа поле и Министерството може да биде сигурно дека на тој план ќе ја има целата поддршка, оттаму што се работи за одбрана на еснафот, истакна претседателот на Македонскито полициски синдикат.
Инаку, дел од предвидените активности во МВР за наредната 2012 година е обновување на застарените средства за работа, како што е замена на опремата што е со изминат рок, согласно реалните можности. Тука станува збор и за замена на дел од дотраените униформи за вработените, но и освежување на возниот парк, како што е и постепеното исфрлање од употреба на „крајслерите“ чија секојднева експлоатација се покажа како економски неприфатлива.