Миноски: Стартува исплатата на повисоките пензии
Во декември ќе стартува исплатата на повисоките пензии кои се зголемени за пет проценти и се однесуваат на ноемвриската пензија, истакна министерот за финансии Кирил Миноски на денешната средба со претставници на прилепското Здружение на пензионери.
Како Влада, потенцира Миноски, водиме сметка за стандардот на граѓаните, посебно на пензионерите. - И во наредниот период, во владината Програма предвидуваме мерки кои треба да го унапредат животниот стандард на пензионерите и низата поволности да обезбедат подолг век на оваа популација, изјави Миноски.
Претседателот на прилепското Здружение на пензионери Кирил Ѓорѓиески нагласи дека веста за зголемување на пензиите за пет проценти е за поздравување.
- Зголемувањето на пензиите од пет насто иако минимално, е поттик за стандардот на пензионерите, рече Ѓорѓиески.
Миноски при посетата на Прилеп се сретна и со стопанственици од неколку големи претежно извозно ориентирани компании. Разговарале, како што рече, за унапредување на соработката на компаниите со владините институции, пред се со Управата за јавни приходи и со Царината, при што ги слушнал нивните сугестии.
- Разговаравме за нивното тековно работење, но и за соработката на приватните компании со државните институции за пронаоѓање методи и начини како таа да се унапреди и кои се нивните сугестии кои ние, како владини институции треба да ги земеме предвид со цел да се поттикнат инвестирањето и креирањето работни места и да се зголеми инвестицискиот циклус и економскиот развој, а на тој начин позитивно да се влијае врз животниот стандард на граѓаните, изјави Миноски.
Според министерот за финансии, ставовите на компаниите за соработката со владините институции, главно, се позитивни, особено од владиниот пристап со таканаречената доброволна даночна усогласеност чија основна цел е државата и приватниот сектор да бидат партнери.
- На средбите со стопанствениците, во најголем дел се искажаа позитивни ставови во однос на соработката што ја имаат со Министерството за финансии и со институциите кои се во составот на Министерството, како Управата за јавни приходи и Царинската управа. Задоволни се од пристапот кој настојуваме да го применуваме, пред се, со Управата за јавни приходи, на таканаречената доброволна даночна усогласеност чија основна цел е државата и приватниот сектор да бидат партнери, рече Миноски.
Основната економска филозофија која ја следиме како Влада, додаде министерот за финансии, е политиката на ниски даноци, со која најголемиот дел од финансиските средства ги оставаме на приватниот сектор за тој понатаму да ги инвестира во креирање работни места, кои значат повисок стандард за граѓаните на Македонија.
Министерот за финансии, кој се сретна и со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, потенцира дека е важна и соработката на прилепската локална самоуправа со бизнис секторот.
- Радуваат бројните проекти кои ги има општината и соработката која локалната самоуправа ја остварува со приватниот бизнис сектор во интерес на поттикнувањето на локалниот економски развој, наведе Миноски.