Има промени во односите со Грција
ЕУ има потреба од Договорот за бегалците со Турција
Министерот за надворешни работи Никола Попоски се надева дека Договорот за бегалците на ЕУ со Анкара ќе трае подолго. Тој бара отпочнување на пристапните преговори со Македонија.
Ди Пресе: Односот меѓу ЕУ и Турција е влошен како резултат на масовните мерки преземени од турското раководство против опозицијата. Дали Македонија стравува, дека Договорот за бегалците помеѓу ЕУ и Анкара може да доживее неуспех?
Никола Попоски: Сè уште не сме ја достигнале точката на која Договорот може да доживее неуспех. На Турција ѝ се потребни сојузници, a на ЕУ ‒ и пред сè на Германија ‒ и е потребен договор, за да се спречи минатогодишната состојба. Ниту еден политичар не може да си дозволи влез на толку многу бегалци, а особено не Германија, на која ѝ претстојат избори во 2017 година. Не мислам дека некој сериозно сака да го загрози договорот меѓу ЕУ и Турција.
Ди Пресе: Дали може Турција од лутина да го прекине, доколку критиката од ЕУ стане поостра?
Никола Попоски: Како што веќе реков, не верувам дека тоа сега ќе се случи. Во Турција има легитимно очекување во поглед на помош од ЕУ. Турција има прифатено 2,5 милиони бегалци. На нашата граница регистрираме колку бегалци пристигнуваат. Со оглед на намалениот број бегалци, може да се заклучи дека Турција нешто направила.
Ди Пресе: Колку изнесува бројот на бегалци во моментот?
Никола Попоски: Дневно регистрираме 20 до 50 илегални преминувања на границата. Од почетокот на годината, повеќе од 30.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат границата од Грција кон Македонија. Но, во соработка со грчките гранични власти, најголемиот број од нив беа спречени. Тоа е далеку помал број во споредба со минатата година. Тогаш имавме случаи кога околу 40.000 лица дневно ја минуваа границата. Но, треба да ни биде јасно дека кризата сè уште не е надмината. Не би сакал да исклучам ситуација кога повторно повеќе луѓе би ја користеле балканската рута. Барем не засега.
Ди Пресе: Што би значело тоа за Македонија?
Никола Попоски: Ние покажавме дека можеме да спречиме масовни гранични преминувања. Па и во соработка со Грција. Во 2015 година во Грција успехот беше мерен според критериумот колку бегалци ќе се пропуштат кон Македонија. Сега е поинаку. Соработката на ниво на гранични службеници е многу добра.
Ди Пресе: Австриски полицајци се во служба на македонската граница. Дали се потребни уште повеќе полицајци или војници?
Никола Попоски: Пожелно би било тоа да се координира според бројот на пристигнати бегалци. Ако ситуацијата остане вака, оваа помош е доволна. Во спротивно, ќе ни бидат потребни повеќе полицајци, уреди за ноќно набљудување и дополнителна опрема.
Ди Пресе: Македонија тесно соработува со земјите на ЕУ во однос на бегалското прашање. Истовремено, земјата е заглавена на патот кон членството во ЕУ.
Никола Попоски: Сега ја добивме осмата препорака на Европската Комисија за отпочнување пристапни преговори. Првата ја добивме во 2009 година. Европскиот совет тогаш ја направи големата грешка што не ја следеше оваа препорака. А Грција бараше да се одолговлечи почетокот на преговорите. Во Советот се создаде впечаток дека преговорите само за кратко ќе се одложат и дека спорот за името ќе се реши во најбрзо време.
Ди Пресе: Атина не го признава државното име Македонија. Дали има некакви знаци дека спорот може конечно да се разреши?
Никола Попоски: Во изминатата година воведовме мерки за градење на доверба со Грција. Тоа им дава еден целосно нов квалитет на нашите билатерални односи. Уште од независноста на Македонија не постоел период на толку интензивна соработка со Грција.
Ди Пресе: Значи, се надевате дека Грција наскоро ќе се откаже од блокадата во ЕУ против Македонија?
Никола Попоски: Би било премногу оптимистички да се каже дека знаеме кога точно ќе се случи тоа. Но атмосферата е промената, а тоа е добар предуслов за да се случи нешто во тој правец.
Ди Пресе: Во новиот извештај на ЕУ за напредокот во Македонија има и критика во однос на корупцијата и влијанието врз судството.
Никола Попоски: Постојат неколку критички точки што укажуваат на проблеми што ги имаат сите земји од нашиот регион, без разлика дали се во ЕУ или не. Владеењето на правото или ефикасноста на админстрацијата се точки во кои мораме да покажеме напредок. Ова важи за Македонија, но исто и за Србија, Црна Гора и Албанија. Сепак, најголемиот напредок се постигнува за време на преговорите за членство во ЕУ. Затоа, најголемата грешка беше отпочнувањето на преговорите со Македонија да се одложува веќе осум години.
Извор : Министерство за надворешни работи
Новинар : Вилен Шнајдер