Министерката Јанкулоска присуствуваше на уништување на запленета опрема за кривилов на риба од Охридското Езеро

Министерската за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рамки на денешната работна посета на Охрид престојуваше и во Езерската полиција, каде и беа презентирани запленетите рибарски мрежи и опрема за криволов на риба од Охридското Езеро.

Само во текот на изминатите шест месеци полицијата запленила 705 мрежи од по 50 метри, 94 парчиња жили за риболов, 460 блинкери, како и два пловни објекти, една педалинка, 188 килограми различен вид риба. Првпат езерската полиција запленила и два комплети за нуркање и една пушка за риболов под вода. Идентификувани се седум сторители на кривично дело „незаконски риболов“, против кои се покренати соодветни кривични пријави.

Министерката Јанкулоска изрази жалење што успешните заплени од полицијата што се спроведуваат во континуитет последните неколку години не го дале позитивниот ефект, односно секоја година повторно се регистрира кражба на риба.

- Во континуитет се соочуваме со, би рекла, неодговорно однесување, бидејќи уништувањето на рибниот фонд не е само недозволен риболов, туку неповратен деструктивен процес на се она што го претставува Охридското Езеро, што го издвојува како природна реткост. Се работи за уништување на ендемските форми на риба. Не е доволно само полицијата да интервенира, туку сите ние на начин на кој што можеме треба да работиме за зачување на ендемскиот карактер и спецификите на ова природно богатство, рече министерката Јанкулоска.

По најавите за наскоро склучување договор за давање на Охридското Езеро под концесија, министерката појасни дека МВР согласно овластувањата интегирано ќе соработува со страните потписнички на концесискиот договор.

- Грижата за Охридското Езеро не може и не смее да биде само на потписниците на договорот за концесија, ниту само на полицијата, туку и на сите институции и граѓаните. Во таа насока МВР ќе продолжи со активностите кои не се во спротивност на одредбите на договорите за концесии, а се насочени кон заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро, додаде министерката Јанкулоска.