Честитка од премиерот Димитриев по повод Денот на наставата на турски јазик

Почитувани граѓани на турската заедница во Република Македонија,

Ми претставува чест и задоволство во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик.

Одбележувањето на овој ден како празник за припадниците на турската заедница во Република Македонија, претставува уште една силна потврда на нашите заеднички заложби за континуирана изградба на нашето општество врз принципите за еднаквост на заедниците и негување на културната разноликост и различните традиции, кои претставуваат карактеристика на мултиетничкиот и мултикултурниот мозаик на нашата држава. Водени од овие принципи и фокусирани на развојот на Република Македонија како држава на мултикултурно разбирање, почитување и толеранција, секоја година заеднички ги одбележуваме и прославуваме различностите и традициите во нашата држава кои претставуваат наше богатство, пример за нашиот соживот и нашата заедничка интенција за изградба на стабилна, напредна и просперитетна Република Македонија.   

Вие, припадниците на турската заедница во Република Македонија, активно придонесувате во развојот на нашата држава и во развојот и продлабочувањето на пријателските односи помеѓу Република Македонија и Република Турција. Ваквите односи се карактеризираат со пријателство, разбирање, интензивна соработка, отворен дијалог, конзистентна поддршка во почитувањето на нашите национални и државни интереси и нашите евроатлански аспирации. Изразувајќи Ви благодарност за Вашите досегашни заложби Ве повикувам и во иднина да продолжите со Вашиот активен придонес во процесите за просперитетна и економски силна Република Македонија.

Посакувајќи Ви многу здравје, среќа и бериќет во претстојната 2017  година, Ви го честитам 21 Декември – Денот на настава на турски јазик!

Со почит,

 

Емил Димитриев