Честитка од премиерот Димитриев по повод католичкиот Божик
До: Д-р Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија
Почитуван г. Стојанов,
Со посебно задоволство и радост, Вам, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите верници од католичка вероисповед, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Ви ги упатувам моите најискрени честитки по повод големиот христијански празник, Христовото раѓање - Божиќ.
Со векови наназад, празнувањето на Раѓањето Христово претставува особен симбол на христијанството. Со самото доаѓање на нашата земја, со неговата пожртвуваност и милосрдие, Синот Божји влеа надеж, верба и утеха на измаченото човештво. Токму затоа, Божиќ е празник кој нè учи да одиме по трагите на вистината, празник кој нè учи како се подарува љубовта, добрината, меѓусебното почитување и разбирање. Поради тоа, како и сите години претходно, така и оваа, да ги отвориме своите домови и вратите на своите души за светлината која доаѓа. Бог е со нас, а симбол на таквиот дар е Христовото раѓање.
Вредностите кои ги прославуваме славејќи го празникот да ни дадат сите нам сила, мудрост и инспирација за да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните и нашата земја, за економски раст, подобрување на стандардот на граѓаните и унапредување на сите општествени сфери, за меѓусебно почитување и соработка помеѓу граѓаните и продолжување со изградба на напредна Република Македонија.
Нека е за многу години денот! Со радост и добрина да ја споделиме љубовта Божја! Ви посакувам светлина и топлина во Вашите домови, бериќет и верба во себе и другите. Ви го честитам Божиќ и Ви посакувам убави празнични денови, многу здравје, многу радост, успех и благосостојба во наредната 2017-та година.
Христовата светлост нека ги осветли и стопли вашите срца и вашите домови!
Бидете благословени!
Нека Ви е честит и благословен големиот христијански празник – Божиќ!
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Емил Димитриев