Миноски: Новата година ја започнуваме со одлична кондиција на државната каса
Буџетот е во одлична кондиција. Минатата година е завршена со одлична наплата на даноците од 99 отсто, но и со понизок буџетски дефицит за околу 1 процентен поен помалку од планираното. И во новата година сервисирањето на обврските на буџетот, како исплататата на плати и пензии, но и други расходи, ќе се одвива редовно и непречено, како што беше праксата и досега. Ова во интервју за Сител го изјави министерот за финансии Кирил Миноски.
Како што истакна министерот, иако од страна на опозицијата на повеќе пати беше истакнато дека приходите во буџетот се нереално планирани, тие остварија скоро сто отсто реализација.
- Согласно податоците за 2016 година и покрај низа сценарија и шпекулации дека дел од приходите се напумпани, се покажа дека не е така. Даночните приходи покажуваат степен на наплата од 99 отсто што е навистина одлична бројка, рече Миноски.
Во однос на 2015 година, има раст на наплатата кај вкупните приходи од 5 проценти, кај даноците од 7,8 проценти и кај придонесите за 5 проценти.
Миноски потенцира дека буџетскиот дефицит за 2016 година ќе биде под прагот од 3 проценти, односно во согласност на Мастришките критериуми и препораките од меѓународните финансиски институции.
- Новата година ја почнуваме со солидни средства кои ќе обезбедат непречено функционирање на буџетот и сервисирање на сите обврски кои ние ги имаме како држава, рече Миноски, додавајќи дека исплатата на платите и пензиите ќе се одвива редовно и непречено како што беше и досега.