НАД 74,6 МИЛИОНИ ЕВРА: Најголем инвестициски циклус во еден момент во здравствена инфраструктура во Македонија
Во моментот се градат или реконструираат 10 болници во Република Македонија, а за таа цел се инвестираат 4.5 милијарди денари. Ова е најголем инвестициски циклус во историјата на здравството, кој во еден момент се спроведува во здравствена инфраструктура во повеќе градови низ државата, изјави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.
Тодоров нагласи дека ако се земе предвид и инвестицијата за изградба на нов Клинички центар вредна вкупно 128 милиони евра, станува збор за инвестициски циклус вреден околу 202.6 милиони евра (околу 12.5 милијарди денари).
Во тек е изградбата на новата Клиничка болница во Штип. Станува збор за инвестиција вредна околу 56 милиони евра (вклучувајќи ја и најсовремената медицинска опрема која ќе се набави за болницата). Со оваа инвестиција Штип ќе добие болница според врвните светски стандарди, најсовремена болница во поширокиот регион.
-Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон болницата. Во моментот се изведуваат градежни работи на третото ниво (кота 00), а целокупната градба очекуваме да заврши во вториот квартал на 2018 година, рече Тодоров.
–Отпочнати се градежните работи за темелна внатрешна реконструкција на УК за хируршки болести „Св.Наум Охридски“. Рокот за завршување е третиот квартал годинава, а вкупната инвестиција изнесува 125 милиони денари за градежните работи (нешто над 2 милиони евра).
-Со реконструкцијата ќе ги опфатиме сите болнички соби, оперативниот блок, интензивната нега, Центарот за изгореници, стерилизацијата и др. Реконструкцијата опфаќа и изведба на тоалети во секоја болничка соба, како и комплетна замена на прозорците. Ова ќе биде прва темелна реконструкција на оваа јавна здравствена установа, по 80 години, рече Тодоров.
Во тек е и реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо. Оваа инвестиција е вредна 215 милиони денари (околу 3.5 милиони евра), и со неа е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Инаку, веќе се при крај работите од првата фаза, по што следи преместување на болничките капацитети во новиот дел и реновирање на остатокот од постојните капацитети, а целокупните градежни работи очекуваме да завршат во втората половина на оваа година.
–Во тек е целосна реконструкција и адаптација на болничкиот објект во Кичево во вредност од 330 милиони денари (над 5.3 милиони евра). Новиот објект ќе има 7.000 квадратни метри и ќе содржи пет одделенија од секундарната здравствена заштита, 10 специјалистички и четири дневни болници. Во тек е реконструкција на општата болница во Велес која очекуваме до крајот на месецов веќе да заврши. Инвестицијата е во вредност околу 21 милион денари (над 340.000 евра). Опфаќа замена на фасадата, кровот, реновирање на болнички одделенија и изградба на нова интернистичка интензивна, рече Тодоров.
Во тек е изградба на бункер во ГОБ „8 Септември“. Изведбата се одвива според предвидената динамика, и досега се изведени темелна плоча, а се врши и изведба на шалување и бетонирање на бетонски ѕидови од просторијата за акцелератор.
-Инвестицијата изнесува 50 милиони денари (над 800.000 евра), а бункерот очекуваме да биде комплетно готов во вториот квартал годинава. Интензивно се одвиваат градежните работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект на Општа болница Струмица – инвестиција од 257 милиони денари (речиси 4.2 милиони евра), од која бенефит ќе имаат 230.000 жител. Очекуваме градежните работи да завршат до средината на годинава. Во болницата во Битола веќе е во финална фаза комплетната надворешна реконструкција на болницата. Нова фасада на болницата е поставена, поставен е нов кров ( и нова громобранска инсталација) и комплетно нови прозорци на болницата. Оваа инвестиција е вредна 107 милиони денари (над 1.7 милиони евра), рече Тодоров.
Во тек е комплетна внатрешна реконструкција на прилепската болница, инвестиција вредна 70 милиони денари (над 1 милион евра).
-Ова е прва комплетна реконструкција откако е изградена болницата во 1980 година, а бенефит ќе имаат околу 120.000 жители од регионот. Оваа реконструкција очекуваме да заврши до средината на месец март годинава, и веќе дел од одделенијата се завршени, се монтираат нови лифтови, а моментално се работи на одделот за ортопедија и операционите сали. Се одвиваат градежни работи за нов Ургентен центар во Куманово – инвестиција во вредност од 46 милиони денари (околу 750.000 евра), а очекуваме градежните работи да завршат некаде во март 2018 година, рече Тодоров.