Честитка од премиерот Димитриев по повод Водици

До: Поглаварот на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

Ваше Блаженство,

Денес, славејќи го Христовото крштевање и нашето духовно раѓање, дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление - Водици.

Славејќи го Богојавление и нашата верба во Бога, го следиме Христовото учење за мирен, спокоен и богоугоден живот, за трпение и милосрдие, за чиста и искрена мисла. Таа верба во Бога со векови била нашата најголема и најзначајна сила за соочување со сите предизвици и за победи при сите искушенија,  носејќи ни успеси, напредок и просперитет. Вредностите кои ги носи овој празник да ни помогнат да продолжиме да работиме за доброто на сите граѓани на нашата земја, за подобрување на економијата, за унапредување на стандардот на населението, за создавање на услови за раст и развој во секоја општествена сфера и изградба на напредна Република Македонија.

Токму затоа и оваа година, прославувајќи го овој голем празник, да се помолиме на Бога да ги освети нашите реки и езера, да ги благослови нашите граѓани и нашата држава, дарувајќи ни здравје, среќа и благодет.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

БОГ СЕ ЈАВИ!

НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ!

 

Со почит,

Емил Димитриев