Енергетските реформи клучни за развој на Западен Балкан

Во Скопје денеска се одржа состанок на министри за енергетика на земјите од Западен Балкан вклучени во „Берлинскиот процес“ на кој е домаќин вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, а присуствуваше еврокомесарот за добрососедска политика и проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Главна тема, на состанокот, кој се одржува по Самитот во Париз, а пред оној во Трст, бил прогресот во енергетските реформи во земјите од Западен Балкан, како и очекуваните постигнувања до наредниот Самит.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, Пешевски на отворањето на состанокот истакнал дека Владата на Република Македонија, пристапила сериозно и посветено во процесот, бидејќи реформите во енергетскиот сектор се еден од клучните фактори за економски раст и развој на земјата и на регионот.

Во соопштението се потсетува дека на Самитот во Виена, кој претходеше на Самитот во Париз, членките на Западен Балкан 6 усвоија два клучни документа во полето на енергетиката, насловени како „Повелба за одржливост“(Sustainability Charter) и „Патоказ за електрична енергија“ (Roadmap on Regional Market on Electricity), чија реализација ќе придонесе до поефикасен и поефективен регионален енергетски пазар, подобро енергетско поврзување и побрз раст и развој на земјите од Западен Балкан.

Пешевски потенцирал дека имплементацијата на таканаречените „меки мерки“ кои произлегуваат од „Патоказот за електрична енергија“, од страна на земјите од Западен Балкан ќе  го забрзаат креирањето на регионалниот пазар за електрична енергија, со цел да се отстранат постоечките законски и регулаторни бариери и да се унапредат институционалните капацитети неопходни за функционирањето на овој пазар во согласност со Договорот за Енергетска заедница и релевантните ЕУ прописи.

Пешевски дополнил дека имплементацијата на „Повелбата за одржливост“ ќе овозможи подобрување на животната средина преку унапредување на енергетската ефикасност и зголемување на уделот на енергија од обновливи извори во регионот.

- Искористувањето на потенцијалите за електрична енергија од хидро извори ќе има голема улога во постигнување на поставените заеднички цели на земјите од регионот. Оваа конференција е шанса да го презентираме успехот на нашето регионално партнерство и ќе осигура дека сме во добра насока во исполнување на целите кои ги имаме пред нас до Самитот во Трст оваа година, навел Пешевски.

На состанокот учествуваа и министрите задолжени за секторот енергетика од Западен Балкан, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач, како и претставници од меѓународни финаниски институции (EBRD, KfW, EIB и EIF).