Нови 10.000 работни места со Оперативниот план за вработување за 2017
Нови 10 илјади вработувања е планирано да се реализираат со мерките и програмите од Оперативниот план за вработување за 2017 година, за што се предвидени 14 милиони и 200 илјади евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани. Од вкупниот број планирани нови работни места најголем дел или околу 5.000 се очекува да бидат креирани преку проектот „Македонија вработува 2“.
- Со реализација на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“ со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти“, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот здолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
Во рамки на Оперативниот план, усвоен на последната владина седница, е предвидена имплементација на 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на трудот, а вкупниот број учесници во предвидените активности се очекува да надмине 41 илјада лица.
Со Планот ќе продолжи реализацијата на Програмата за самовработување во чии рамки ќе се издвојат средства за формирање нови 1.000 микрокомпании, а грантот од неповратни средства за поддршка за отворање компанија наместо како досега 3.000 илјади ќе биде зголемен на 4.000 илјади евра.
Пешевски информира дека продолжува и поддршката за лицата со попреченост кои ќе можат да добијат грант од 4,5 илјади евра за отворање 50 нови микрокомпании, но и субвенционирањето на компаниите за отворање работни места за овие лица. Се очекува овие мерки да генерираат нови 500 работни места. Продолжуваат и проектите за поддршка за отворање приватни детски градинки и старски домови со грантови од 10 односно 12.500 евра кои ќе треба да создадат осумдесетина нови работни места.
Планот вклучува и организација на обуки за над 7.200 невработени лица за да се стекнат со нови знаења и вештини со што ќе им зголемат шансите за вработување. Дополнително преку 11 вида услуги од АВРМ се очекува да бидат опфатени 27.200 лица.
- Владата на Република Македонија како врвен приоритет ја постави борбата со невработеноста. Таа борба продолжува и ќе трае се додека не се оствари нашата цел секој граѓанин да добие можност да работи, да придонесе за себе, своето семејство и развој на државата, рече вицепремиерот Пешевски.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека со Планот се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе се спроведат за, како што рече, да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавање нови работни места и да се зголеми вработливоста на невработените лица.
- Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување на РМ како активни баратели на работа имаат пристап до услугите и програмите, односно мерките за вработување утврдени со Планот. Правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна услуга и програма, односно мерка за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 проценти, истакна Ибрахими.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека огласите за определените мерки и активности ќе почнат да се објавуваат веќе од понеделник, со што, како што рече, сите граѓани на Република Македонија ќе бидат запознаени поодделно со правилата на огласот за таа мерка, со условите за апликација.
- Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, истакна Поповски.
Директорката на Центарот за вработување од Скопје Слободанка Алексовска истакна дека и во овој Оперативен план се става фокус на зголемување на вработувањето на жените. Информира дека во периодот од 2007 до 2017 трендот да се оствари вработување на најмалку 30 проценти жени е надминат, и како што рече, од вкупно вработените 45 проценти се жени. Информира и дека и со Програмата за самовработување со грантови 37 проценти од отворените бизниси ги отвориле жени претприемачи.
Досегашната реализација на оперативните планови во изминатите 10 години опфатила повеќе од 102.000 невработени лица, а од нив моментално со статус на вработени се над 43.000 лица или околу 43 проценти од вкупниот број. Изминатите години за реализација на оперативните планови издвоени се над 50 милиони евра. Во 2016 година 32.141 лице учествувало во некоја од предвидените активности, а 9.481 лице се нововработени.
Преку овие но и другите комплементарни економски политики, програми и мерки, Владата досега создаде услови и поттикна отворање на над 168.000 нови работни места во стопанството, а невработеноста од 38 проценти во 2005 година ја намали на 23,4 проценти во третиот квартал во 2016.