Заврши реконструкцијата на блокот А во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Градежните активности за реко­нструкција на блокот А во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се завршени и од следната недела ќе почне префрлањето на студентите од блоковите В и Г, каде ќе отпочне реконструкцијата.

Заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски при денешната посета на домот заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, посочи дека овој зафат чини околу 1,5 милиони евра, средства со кои е извршена замена на врат­ите, прозорците, под­овите, електричната и водоводната инстал­ација, системот за парно греење, молерис­ување на ѕидовите и се поставија нови лиф­тови и комплетно нова опрема во сите соб­и, додека во унапредување на смест­увачките капацитети на домот досега се инвестирани некаде околу 6 милиони евра.

- За двата блока кои до­сега се обновени, ин­вестирани се 3 милио­ни евра. Секој од блоковите во просек имаат меѓу 320 и 335 легла, што само по себе е како една висококатница. Втората крупна инвес­тиција која се реализира е набавката на мебел­от за сите државни студентски домови. Во следните 45 дена се очекува на ниво на цела држава да се заврши со замена на мебелот, а на барање на самите студенти набавени се перални и сушални исклучиво за нивни потреби, изјави Ристовски.

Посочи дека станува збор за инвестиција вредна 200 илјади евра, со што ќе се набават 50 професионални ма­шини за перење и 50 професионални машини за сушење алишта со капацитет до 10 кил­ограми.

- Тие ги ветивме минатата година во рамки на 40 проекти за млади. Од четири блока, блоковите А и Б веќе е се комплетно завршени и следуваат блоковите В и Г. Идејата беше да не се затвори студентскиот дом две години за да се реновира, туку студентите да има каде да престојуваат, а дел по дел да се заврши. Се што ветивме се реализираше, изјави Груевски.

Ристовски, посочи дека реконструкцијата на домот продолжува понтаму за што веќе е избрана компанија која ќе ги обнови блоковите В и Г, со тоа што откако ќе се завршат сите блокови ќе биде извршено и целосно партерно уредување на студентскиот дом.

Директорката на студентскиот дом „Гоце Делчев“ Даниела Темелкова рече дека со реконструкцијата се подигнува студентскиот стандард и студентите ќе имаат поголемо задоволство од својот престој во овој студентски дом.