Димитриев упати честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите

Почитувани припадници на ромската етничка заедница,

Дозволете ми, во свое лично име и во име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.  

Годинешната прослава е единаесеттата прослава на националниот празник на Ромите во Република Македонија, што јасно говори за континуитетот и почитта која Република Македонија ја негува кон Вашата заедница. Тоа јасно се изразува преку одбележувањето на овој празник, но и преку редица на други мерки и владини проекти во многу области кои се од значење за подигнување на квалитетот на животот во ромските средини. Годината која е зад нас претставува година во која продолжи владината посветеност во делот на образованието, културата, поддршката на ромските невладини организации и центри за медијација, поддршката за вработување и почнување сопствен бизнис, поддршка за подигнување на свеста за грижа за сопственото здравје, за правата и можностите во делот на социјалната политика, правото, културата и уште многу други полиња од значење за Ромите. Убеден сум дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина како неизоставен дел од грижата на Република Македонија и како продолжение на концептот на почитување на сите заедници во државата и одржување на стабилно и одржливо мултиетничко општество.

Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам убави празнични денови, многу радост и песна во Вашите домови, многу здравје и љубов во Вашите семејства и уште долги години да го прославуваме 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите!

 

Со почит,

 

Емил ДИМИТРИЕВ