МАСИТ ќе учествува во четвртата фаза од регулаторната гилотина на МИОА

Стопанската комора за информатичка технологија (МАСИТ) се вклучува во четвртата фаза од регулаторната гилотина, која е нова надлежност на Министерството за информатичко оштество и администрација (МИОА).

Првата конкретна иницијатива што ја претстави денеска раководството на Комората пред министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски е да се воспостави регистар  за регулација на увозот, дистрибуцијата и сервисирањето на овластените претставници од ИКТ во Македонија. ИКТ фирмите  планираат преку примена на нови системи за јавните услуги во државата да дадат придонес во реформите на администрацијата, со што истовремено ќе ја зголемат својата конкурентна моќ  како индустријата.  

- Програмата која ја имаме направено за наредната година  е токму со цел да се поддржат  домашните компании и да можат да се фокусираат на развојни услуги, развој на софтверски апликации и да се пренаменат од препродажбата на хардвер  конкретно во дејност која  има многу поголема додадена вредност на своите производи, изјави по средбата министерот Ивановски.

Тој ги запознал членките на МАСИТ со  проектите кои ќе следат во 2012 година  како дел од реформата на јавната администрација, со кои во најголем дел е неопходно информатизирање на администрацијата. Биле презентирани новите надлежности на МИОА во рамки на регулаторната гилотина и од областа на телекомуникациите кои овој ресор ги презема од 1 јануари 2012 од Министерството за транспорт и врски.

Според претседателот на МАСИТ Игор Бимбиловски, компаниите од ИТ индустријата ќе бидат активно вклучени и конкретно  ќе дадат свој придонес во поуспешно и поефикасно  имплементирање на регулаторната гилотина. - Како Комора излеговме со  предлог за воспоставување регистар  за регулација на увозот, дистрибуцијата и сервисирањето на овластените претставници во Македонија. Тоа ќе биде еден од првите чекори за кои МАСИТ официјално ќе се обрати до Владата и до Министерството, изјави Бимбиловски.

Тој регистер, според МАСИТ, е особено важен  поради увозот што го вршат компании кои немаат свои сервиси за поддршка на  клиентите. Членките на МАСИТ воедно бараат дефинирање на некои закони поврзани со Управата за јавни приходи. Конкретен став со приоритети ќе објават во првиот квартал следната година. За тогаш најавуваат и активности за зголемување на извозот на софтвер, како дел од програмата  за извозна стратегија која ја реализираат веќе неколку години.

 - Она што е битно е да се потенцира дека  воспоставуваме конкретна соработка со Агенцијата за странски инвестиции и промоција во странство и ќе   излеземе со конкретни активности во наредната година. Секако нашите компании секоја индвидуално презема активности за промоција на своите продукти  надвор од Македонија и можам да потврдам дека последната година поинтензивно работиме со овластените институции, појасни Бимбиловски.