Ќе се реализира проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието
Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу потпиша Меморандум за разбирање и соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) претставуван од раководителот на проектот Небојша Мојсоски и директорот на УСАИД Џемс Стејн, за спроведување на проект МИМО (меѓуетничка интеграција на младите во образованието) во основните и средните училиште како и општините.
Проектот е со времетраење од пет години, во периодот од 2017 до 2022, а буџетот е во висина од 5,853,000 долари.
- Проектот на УСАИД за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) ќе ја подобри меѓуетничката кохезија меѓу младите во Македонија преку создавање услови за позитивна интеракција и градење на демократски и граѓански вредности. Активностите на МИМО ќе бидат насочени кон идентификување на потребните интервенции кои ги поддржуваат постојните државни и локални политики и практики во однос на меѓуетничката интеграција и граѓанското образование на ниво на училиште и заедница, соопштуваат од МОН.
Взаемно поврзаните активности на Проектот ќе се реализираат во три компоненти. Компонентата 1 има за цел да ја зајакне меѓуетничката кохезија во образовниот систем. Оваа компонента ќе обезбеди континуирана поддршка на работната група на МОН за меѓуетничка интеграција во образованието и на општините на локално ниво. Покрај тоа, ќе обезбеди можности за училиштата да работат и соработуваат едни со други во креирањето подобра етничка кохезија и во зајакнување на граѓанските вредности.
Компонентата 2, како што соопштуваат од Министерството, има за цел да ја зајакне граѓанската култура и однесување кај младите на ниво на училиште и заедница. Оваа компонента ќе вклучи измени во наставните програми за граѓанско образование и ќе воведе методи за вклучување на учениците во процесот на донесување одлуки на ниво на училиште и заедница.
Од МОН посочуваат дека со третата компонента ќе се обезбеди поттик за училиштата и заедниците со цел да се постигнат двете основни цели на проектот - подобрување на меѓуетничката кохезија и помагање во развојот на демократските и граѓански вредности и однесувања кај младите.