Со реконструкцијата, Саат кулата во Гостивар ќе стане туристичка атракција

Споменикот на културата „Саат кулата“ во Гостивар ќе биде туристичка атракција, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска при посетата на Гостивар.

Таа нагласи дека Министерството за култура ги прифатило двата покрупни проекти за заштитата на културното наследство со кои ќе бидат опафатени два објекти во градот.

- Комисите ги одобрија проектите и од идната година ќе се започне со нивна реализација. Особено важно е што симболот на Гостивар, Саат кулата ќе биде целосно заштитена со конзерваторски работи, а внатрешноста ќе биде ставена во функција за туристички посети. По успешно реализраната прва фаза, финансиски ќе биде поддржан и проектот за заштита на „Беговата куќа“. Тоа ќе опфати поправка на фасадата, статиката и ентериерот, рече министерката за култура по посетата на два споменика на културата во Гостивар.

Министерката придружувана од државниот секретар за култура Музафер Бислими и соработниците имаше работни средби и со директорите на јавните установи Центар за култура „АСНОМ“ и Конзерваторски центар-Гостивар. По средбите министерката искажа пофални зборови за нивниот ангжман при реализација на програмите.

За заштита на културно историското наследство во гостиварскиот регион годинава биле вложени околу милион денари.