Средба на премиерот Заев со израелскиот амбасадор Орјан – промените отвораат можност за израелски инвестиции во Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, утрото се сретна со амбасадорот на државата Израел во Република Македонија Дан Орјан.
Израелскиот амбасадор Орјан на премиерот Заев му врачи честитка од име на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за неговиот избор за претседател на Владата на Република Македонија.
На средбата е изразена поддршка на промените во Македонија, во коишто се гледа можност за стабилност во државата и економски перспективи.
Амбасадорот на Израел Орјан најави интерес на израелски компании за инвестирање во Македонија, кои чекале на политичка стабилизација на Република Македонија. Земјоделството, енергетиката се некои од областите за кои има потенцијални инвеститори.
„Ќе ја продолжиме и ќе ја засилиме добрата соработка со Израел, на сите полиња, што може да придонесе до квалитетен живот на граѓаните на Македонија. Новата Влада е силно ориентирана кон економски развој на државата, а инвестициите се важни за отворањето нови работни места. За таа цел, Владата посветено работи на обезбедувањето услови за работа на компаниите со што се отвораат можности и за достоинствена егзистенција за работниците и граѓаните на Македонија“, рече премиерот Заев.
На средбата е поздравена добрата соработка помеѓу двете држави. Амбасадорот на Израел се заблагодари за грижата на државата за еврејската заедница во Република Македонија. Договорено е продлабочување на односите помеѓу двете земји и преку средби и посети на високо владино и државно ниво.