Премиерот Груевски најави над 60 милиони евра директни инвестиции за образованието
Ова е период во кој Владата на Република Македонија вложува многу во подобрување на условите за живот и за учење, целосно на студентскиот стандарт насекаде во Македонија, потенцира премиерот Никола Груевски денеска по поставувањето камен темелник на новиот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.
Груевски најави дека за идната година и годината по неа, ќе бидат одвоени над 60 милиони евра директни инвестиции за образованието, како во основното и средното, така и во високото образование.
- Во образованието во иднина многу ќе се вложува. Обезбедени се буџетски средства од околу 5-6 милиони евра, како и дополнителни средства од различни извори и тоа од Советот на Европа 35 милиони евра, кои во најголем дел ќе бидат искористени за изградба и реконструкција на училишта, но и за уредување на спортските сали. Исто така ќе биде искористен и дополнителен аранжман од Светската банка, кој во еден негов дел, од вкупно 35 милиони евра, ќе биде искористен за реновирање и изградба на училишта, рече премиерот Груевски.
На последната седница на Комитетот за иновации и претприемништво, информира, донесен е заклучок секој кој ќе објави научен труд во списание со фактор на влијание да добие поддршка од 30 илјади денари од Минситерството за образование и наука, како дополнителен поттик за сите професори, научни работници и сите други, да направат нешто што ќе биде научно признато.
- Допонително се планира уште една мерка со која главно ќе бидат опфатени уметничките факултети и науки. Се планира одреден надоместок за успеси кои ќе ги постигнат на меѓународен план, додаде Груевски.