Владата го усвои Предлог планот 3 – 6 – 9 со итните реформски приоритети, ги заштити производителите на лубеници, одложи наставни програми од Кембриџ
Владата на Република Македонија на денешната седница го усвои Предлог планот 3 - 6 – 9, за спроведување на итните реформски приоритети важен за евро – атлантските интеграции на Република Македонија, како и за подигнувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. За овој важен чекор што го презема новата Влада на Република Македонија за евро-атлантските перспективи на Македонија и на граѓаните, само месец по формирањето, ќе следува дополнително, конкретно известување на јавноста.
Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за подготовките за учество на делегација на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев на Конференцијата за Западен Балкан, на 12 јули 2017 година во Трст. Станува збор за сериозни подготовки за настап на владината делегацијата на овој важен меѓународен настан, чијашто цел е забрзување на економскиот развој на земјите од Западен Балкан.
Владата на денешната седница донесе одлука со што помага на производителите на лубеници, поради ниската откупна цена со којашто се соочуваат. Се работи за дополнителна субвенција од два денара за килограм лубеници, продадени во периодот од 03.07.2017 до 15.07.2017 година, на регистрирани откупувачи, по откупна цена не повисока од 4 денари по килограм и за тоа да е извршена исплата. При пресметката на директните плаќања се земаат во предвид количините што не надминуваат 50.000 килограми по хектар.
На денешната седница, Владата одлучи да биде одложена имплементација на Кембриџ програмата, односно на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование. Задолжено е Министерството за образование и наука да го одложи започнувањето на имплементација на новите наставни планови и програми по наставните предмети математика, физика, хемија и биологија за прва година на гимназиско образование, за прва година на средно стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование во сите средни училишта.
На денешната седница на Владата, донесена е одлука за флексибилно работно време во институциите, како и двосменско работно време во повеќе институции значајни за потребите на граѓаните на Македонија. Работното време на институциите што ќе работат двосменски ќе биде од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00. Работното време во Владата, министерствата и другите органи на државната управа се предвидува да биде помеѓу 7:30 и 8:30 часот и да завршува помеѓу 15:30 и 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа. Целта на оваа одлука е да им се олесни на граѓаните во реализацијата на неопходните приватни обврски во институциите, без притоа да мораат да земаат боледување или ден од одмор за да завршат административни обврски. Одлуката треба да стапи на сила од 1 септември.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изградбата на експресниот пат на делницата, клучка, Дреново - Градско, како дел од крак на патниот Коридор 10, предвиден како голем проект во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014 – 2020 година. Задолжено е Министерството за транспорт и врски во соработка со Секретаријатот за европски прашања, проектот за проширување на патната делница од Прилеп до мостот на Ленишка река и изградбата на трета лента на патната делница од Беловодица до каменоломот на Маврово, да го предвиди за финансирање во рамките на посочената програма.
Владата донесе одлука за испраќање четворица припадници на АРМ во вежбовна активност ЈСЕТ – 17 – 2 во Република Бугарија, од 18 до 23 јули. Констатирано е дека АРМ активно учествува во вежбовни активности во регионот и во Македонија, што се покриени од буџетот на Министерството за одбрана, со што се испраќа сигнал на определеност на Република Македонија да биде дел од меѓународни активности важни за безбедноста.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изготвување Национална стратегија и Акциски план за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам 2017-2020 година, како и изменување на Националната стратегија и Акциски план за борба против тероризам. На седницата од страна на МВР информирано е дека има потреба за ревидирање на постоечката застарена Стратегија за радикален екстремизам. Задолжено е МВР да формира работна група за подготовка на Стратегијата, во којашто ќе членуваат повеќе претставници од повеќе министерства и институции.