Делегација на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, во официјална посета на Република Босна и Херцеговина

Делегација на Република Македонија предводена од Претседателот на Владата Зоран Заев, од денеска, ќе престојува во дводневна, официјална посета на Република Босна и Херцеговина.

 

Во текот на утрешниот ден (недела, 23.07.2017 г.), премиерот Зоран Заев и членовите на делегацијата, Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бектеши Крешник, Министер за економија, Роберт Алаѓозовски, Министер за Култура, Едмонд Адеми, Министер без ресор, задолжен за дијаспората, ќе остварат повеќе одделни и заеднички средби во Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на Република Босна и Херцеговина, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија ќе има тет-а-тет средба со Денис Звиздиќ, Претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

 

Во рамките на посетата ќе биде поптишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

 

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и Министерот за цивилни работи во владата на Босна и Херцеговина ќе потпишат Програма за културна соработка.

 

Македонската делегација ќе го посети спомен обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загуби животот Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

 

Македонската делегација во рамките на посетата на Република Босна и Херцеговина ќе престојува и во Мостар, каде што на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и каде што ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.