Од 19-тата седница на Владата на РМ: Усвоен предлогот за измени на Законот за минималната плата од 12.000 денари, одобрени нови 10 милиони евра директна помош за земјоделците
На денешната 19-та седница, Владата на Република Македонија го усвои предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата и со тоа ја започна законската процедура за зголемување на минималната плата на ниво од 12.000 денари. Ќе се овозможи исплаќање на иста висина на минимална плата за сите вработени во Република Македонија кои примаат минимална плата, а ќе се обезбеди и финансиска поддршка за фирмите од Буџетот на Република Македонија за да ја исплаќаат договорената повисока минимална плата.
Усвоените измени на предлог законот, владата во текот на денешниот ден веднаш ќе ги достави до Собранието на Република Македонија на разгледување и усвојување.
На седницата владата даде согласност за распишување за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 и над 3 хектари. На седницата на владата се донесоа измени на Предлог програмата за финансиска поддршка во земјоделството како и Програмата за рурален развој со кои се издвоија нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците.
Пред министрите од Владата на Република Македонија се најде и информацијата за очекувано производство и откуп на пченица и јачмен, за која беа донесени заклучоци со кои се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да изработи предлог програма за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството во 2017 година и предлог Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за директни плаќања во земјоделството за 2017.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доби задолжение од владата да изработи предлог за изменување и дополнување на Законот за квалитет на земјоделски производи во делот на одредбите кои го уредуваат пазарот на брашно.
Во однос на кадровските прашања Владата на Република Македонија на вчерашната седница ги разгледа и ги усвои кадровските предлози и заклучи да именува членови на управни и надзорни одбори во установи, агенции и други органи што се во надлежност на владата.
Комисијата за кадровски прашања во владата, за секое лице поединечно, ја проверува содржината на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, Владата ќе ги објави одлуките во Службен весник на Република Македонија.
На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа извештајот за работатата на Државниот завод за статистика и усвои одлука за изменување на одлуката за утврдување на националната номенклатура на индустриски производи, заради, како што беше појаснето, тековно усогласување со европската номенклатура.
Дел од точките на дневниот ред на денешната владина седница кои се однесуваа на извештајот за работата на АД Македонски железници и транспорт, како и за други активности на ова претпријатие беа одложени заради констатирано отсуство на директорот на АД Македонски железници и транспорт.
Меѓу усвоените точки на дневниот ред се најде и Предлог законот за ратификација на Спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.
На денешната седница беше донесена одлука со којашто се доделуваат стипендии на 50 странски државјани со потекло од Република Македонија, од земји во регионот за студирање на државните универзитети во Република Македонија, а исто така Владата на Република Македонија донесе одлука и за бесплатни курсеви по странски јазици за деца од семејства во социјален ризик.
Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која претседаваше со вечерашната владина седница во нејзината завршница детално ги информираше членовите на владата за текот на Самитот на земјите на Јадранската повелба за кој рече дека е многу значаен, од причини што се отвора реална шанса за сериозно позиционирање на земјата во поддршката што ја добива за остварување на стратешките цели, членството во ЕУ и НАТО.
На седница што се одржа доцна синоќа, присуствуваше и заменик директорот на Дирекцијата за спасување и заштита Екрем Зендели, кој ги информираше министрите за стостојбата со пожарите во областа на Македонски Брод и на други локации низ земјата. Во тој контекст Владата на Република Македонија изрази огромна благодарност до Република Бугарија, како и до Република Турција за испратената помош во справување со пожарите. Беше истакнато дека институциите се на терен сè до конечно гасење и локализирање на пожарите, а беа превземени и обврски да се истражат причините за појава на зачестените пожари на повеќе локации низ земјата.