Министерството за транспорт во соработка со транспортни организации донираше опрема во установи за згрижување деца

На иницијатива на Министерството за транспорт и врски, а во соработка со Асоцијацијата на транспортери „Макамтранс“, Здружението на автобуски превозници „Исток“ и Авто-мото сојузот на Македонија денеска во пет установи за згрижување деца се донирани облека и техничка опрема според нивните потреби.

- Во пет институции во Република Македонија донираме пред се опрема, облека и други работи што им се потребни на овие установи се со цел децата да имаат поквалитетен живот. Нашата цел како Министерство за транспорт и врски е ова да стане традиција и добрата соработка со транспортните организации да ја преточиме во хуманитарни акции, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по посетата на Домот за деца без родители „11 Октомври“.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристоски под чија надлежност се ваквите институции се заблагодари за хуманата акција и ги повика и останатите институции да го следат примерот на Министерството за транспорт и врски.

- Овој пример треба да го следат и другите институции бидејќи грижата за овие деца не е само формално и законски грижа на Министерството за труд и социјална политика, туку за нив треба да се грижи цела држава затоа што тие не по своја вина останале без родителска грижа, истакна Ристовски.

Покрај во Домот „11 Октомври“, опрема е донирана и во СОС Детско село, а во текот на денот ќе биде предадена и во Домот за новороденчиња без родителска грижа во Битола, како и во ЦОР „Партениј Зографски“ и „25 мај“ во Скопје.

Ваква слична акција на иницијатива на Министерството за транспорт и врски беше спроведена и за време на Велигденските празници.