Нов контингент на АРМ испратен во мировна мисија во Авганистан
На свеченото испраќање на новиот контингент, покрај претседателот и врховен командант на вооружените сили, присуствуваа и министерот за одбрана, Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Горанчо Котески и неговиот заменик генерал мајор Насер Сејдини, командантот на 2. механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Методија Величковски...
- Осумгодишната историја на нашите миротворци во Авганистан ги потврдува одличните резултати кои ги постигнуваат припадниците на АРМ со својот професионализам и одговорност кон задачите што од нив ги бара благородната мисија. Екстремно сложените, безбедносно – ризични и воено – чуствителни услови ви кои тие дејствуваат во рамки на ИСАФ во тој нестабилен регион ми дава апсолутно право да ги наречам светски миротворци и најголеми репрезенти на Македонија надвор од границите на нашата држава. Како припадници на Втората механизирана пешадиска бригадана АРМ вие сте еден од најмоќните делови на нашата армија, исклучителни професионалци, вистински херои, војници – хуманисти, а веќе од утре ќе бидете чувари и на светскиот мир. Заштитниот знак на единицата Сила за мир на најдобар начин го отсликува карактерот на вашата единица, вашите лични карактеристики, одличната стручна подготвеност и професионализмот што гарантираат уште една успешна мисија, уште еден камен во мозаикот што ќе го надополни меѓународниот углед на македонија, рече министерот Бесими.
Живееме во свет во кој одбраната на нашата безбедност започнува далеку од границите на нашата татковина. Токму вие сте избрани да ја извршувата оваа тешка, но благородна задача, рамо до рамо со нашите НАТО сојузници, со армиите на најголемите демократски сили. Вие сте македонскиот штит што го брани мирот и слободата на Македонија, но и на поширокиот регион, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов на свеченото испраќање на новиот контингент на АРМ во мировната мисија ИСАФ во Авганистан, што се одржа во касарната Кузман Јосифовски Питу во Тетово.
Македонија, додаде е дел од глобалната коалиција на држави што ги споделуваат истите вредности и идеали - мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата и заштита на недолжните од насилство. - Токму затоа во оваа мисија вие ја имате целосната подршка од македонските граѓани, истакна претседателот Иванов.
Напомена дека Македонија како партнер и сојузник на антитерористичката коалиција во Авганистан ќе остане се додека е неопходно и оти ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ во согласност со интересите на Македонија.
- Имав можност да ги посетам вашите соборци во Кабул и војниците во мисијата во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Сакам да им оддадам јавно призанание и почит на сите мировници на АРМ кои во досегашниот период вложија голем труд и посветеност во ангажманот во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Тие придонесоја во воспоставувањето на мирот во земјите каде беа ангажирани, воено афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план, рече македонскиот претседател.
Во името на војниците на свеченоста се обрати мајорот Мухарем Мухареми, кој ќе командува со контингентот наредните шест месеци. Тој по втор пат учествува во меѓународна мисија откако во 2009 година ја извршувал должноста штабен офицер во командата на ИСАФ во Авганистан.
- Постигантите резултати, залагањето и посветеноста на работата ми дава за право да верувам во подготвеноста на припадниците на контингентот за извршување на задачите кои произлегуваат од поставената мировна мисија. Подготвени сме да докажеме дека припадниците на оваа единица се рамноправни со своите колеги од другите армии кои моментално се во мисијата ИСАФ. Како командант на контингентот ве уверувам дека совесно, одговорно, професионално и дисциплинирано ќе ги извршуваме поставените задачи и максимално ќе се залагаме безбедноста на персоналот да биде во прв план, живи и здрави да се вратиме во нашите единици и семејства, рече Мухареми.
На денешната свеченост во Тетово војниците од новиот контингент кој треба да замине во Авганистан се први кои ги облекоа новите униформи со автохтона дигитализирана шара со кои и ќе учествуваат во мировната мисија.
- Поминавме и основна и интензивна обука за задачите што не чекаат во Авганистан за подршка на мирот и мислам дека сите сме подготвени максимално, рече командирот на вод Дарко Кнежевиќ кој по вторпат оди во Авганистан.
Подофицерот Ќенан Незири еднаш учествувал во мисијата на АРМ во Ирак и според него нема голема разлика помеѓу задачите во девете земји.
Постар водник Анастасовска Емилија е една од четирите девојки во овој контингент. - Штом сме облекле униформа сите сме исти без разлика дали сме мажи или жени, рече Анастасовска.
Во дванаесеттата ротација што ќе трае од јануари до јуни годинава учествуваат 149 припадници на тетовскиот гарнизон од 2. механизирана пешадиска бригада, а тие ќе бидат распоредени во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство на обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
Македонските Леопарди ќе вршат обезбедување и патролирање на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата. Покрај нив во ротацијата ќе биде распореден и менторски тим за обука на авганистанските безбедносни сили и за време на овој период тие ќе бидат во Мазар-е Шариф во рамки на регионалната команда Север под раководство на вооружените сили на СР Германија.