До 27 февруари задолжителна замена на старите лични документи со нови биоометриски
Во пресрет на крајниот рок за замена на старите лични документи со нови биометриски што истекува на 27 февруари, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ги посети управните служби на МВР сместени во зградата на МТВ за да се информира за текот на процедурата за замена.
Јанкулоска имаше работна средба со вработените во управните служби, за да ги согледа потенцијалните зголемени барања од страна на граѓаните и да се организира навремена реакција на надлежните.
- Состојбата овде покажува дека и покрај зголемениот интерес на граѓаните, услугата се завршува во разумен рок, брзо и едноставно. Карактеристично за овој период е што има зголемен број барања од страна на иселениците од дијаспората кои за празниците престојуваат во земјата, изјави Јанкулоска по средбата.
Министерката информираше дека досега се издадени 1.342.729 биометриски патни исправи, од кои 200.163 илјади се од танаканеречената втора генерација. Издадени се вкупно 1.306.038 лични карти и повеќе од 400 илјади возачки дозволи. Околу 1/3 од овие документи се издадени од страна на управата во Скопје.
Очекува дека до крајниот рок сите граѓани кои не ги замениле досега своите документи да го сторат тоа.
Јанкулоска потенцираше дека граѓаните кои нема да ја сменат личната карта не ќе можат да остварат ниту едно свое право со стар документ. Досегашните санкции за непоседување лична карта, како што рече, продолжуваат да важат и понатаму.
- Според бројките, најголем дел лица кои имаат интерес да патуваат надвор од земјата ги замениле своите патни исправи, што значи дека не очекуваме зголемен број апликации. Во делот на личните карти, можеме да констатираме оти најголемиот дел од работата е завршена, додаде Јанкулоска.
Според измените и дополнувањата на Законот за личната карта, издадените лични карти пред денот на стапување во сила на овој закон ќе важат до рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдолго до пет години од денот на влегување во сила на законот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Согласно Законот за патните исправи, пасошите издадени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат да важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во пасошот, но најдолго пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно старите небиометриски пасоши важат до 27 февруари годинава.
Закажувањето за поднесување барање за издавање лична карта и патна исправа граѓаните со живеалиште во Скопје го вршат преку бесплатниот телефонски број 080019292. Граѓаните кои немаат важечка лична карта (изминат рок, изгубена) можат без закажување веднаш да поднесат барање за издавање нова во подрачните единици на МВР.