Државниот врв на божикната Златоустова литургија во „Св. Климент Охридски“
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија.
Иванов, Вељаноски и Груевски по завршувањето на литургијата на граѓаните од православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, среќа, успех и спокојство.
Честитки до сите верници од христијанска вероисповед и граѓани во држвата упати и премиерот Груевски со желба за многу здравје, спокојство, радост и успеси во оваа година.
- Да имаме повеќе мудрост и спокојство во овие тешки денови на светски економски кризи. Да најдеме начини да ги надминеме проблемите и да излеземе посилни од нив. Христос се роди, навистина се роди, рече Груевски посочувајќи дека годинава паричката на бадниковата вечер првпат паднала кај неговата сопруга, Боркица.
- На сите православни верници им го честитам големиот христијански празник, Христовото раѓање - Божик и им посакувам здравје, многу радост и успеси во целата година. Како што сме обединети и сплотени за време на празниците, така да бидеме целата година и сложни да го дочекаме новото Христово раѓање, рече Иванов и ги поздрави православните христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди“.
На бадниковата вечер кај претседателот Иванов, паричката се паднала во Господ.
Во домот на Вељаноски, пак, паричката се паднала кај ќерката Ивана. Тој на сите граѓани им ги честиташе новогодишните и божикните празници, посакувајќи им здравје, среќа, љубов и просперитет на личен и професионален план. А на Република Македонија, како што вели, просперитет и оваа година да го добие она што многу години претходно го има заслужено.
На литургијата присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, повеќе амбасадори и други личности од јавниот живот во државата.
Државниот врв по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која ја организираше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, а се одржа во Кабинетот на архиепископот.
По повод Божик, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав - Христос се роди!.
Литургии по повод Божик денеска се одржаа во сите православни цркви на МПЦ во земјата и во странство.