Од 1 февруари стартуваат намалените цени на лековите
Од 1 февруари ќе бидат објавени и ќе почнат да се применуваат намалените цени на лековите. Со намалување на големопродажната цена на лековите ќе се намали и нивната малопродажна цена. Просечното намалување на цените изнесува 32,54 отсто, а кај мал број лекови и до 70 проценти. Квалитетот на лековите не е доведен во прашање.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека најголеми намалувања на цените има кај лековите за онколошки заболувања, бронхијална астма, за цистична фиброза, антибиотиците и многу други медикаменти. Тој посочи дека согласно последните измени на Законот за лекови и медицински помагала и донесената нова методологија за утврдување на цените, компаниите кои се занимаваат со производство и трговија со лекови имаа обврска заклучно со 5 јануари да достават барање за утврдување цени.
- Ниту една компанија не се повлече од пазарот во Македонија. Сите компании поднесоа барање за утврдување на цените на лековите. Тоа покажува дека оваа реформа која ја спроведуваме во делот на лековите успешно е имплементирана и таа ќе овозможи сериозна заштеда во здраствениот систем што ќе се почувствува од јавните здравствени установи и од граѓаните кои ги набавуваат лековите во аптеките, рече Тодоров.
Намалување на цените, како што истакна, има и кај лекови кои ги користат здруженијата на пациенти како што се: пулмозин чија првична цена била 49.722 денари, а моменталната намалена цена ќе изнесува 39.504 денари.
- Ако се земе предвид дека за една година во Македонија се увезат 294 вакви лекови заштедата на системот на овие болни ќе биде три милиони денари годишно. Кај лекот „мабтера“ за ревматски артрит првичната цена била 37.000 денари, а сега е 32.500 денари. Количината на увезени лекови за 2010 година е 744, а заштедата на системот ќе биде 3,5 милиони денари годишно. Вкупната заштеда кај ревматскиот артрит на годишно ниво ќе биде 18 милиони денари, потенцира Тодоров.
Тој рече дека намалување на цените има и кај хормоните за раст, лековите за мултиплекс склероза, остеопороза итн.
- Кај онколошките препарати како што е гливекот чија цена била 158.603 денари, новата намалена цена е 148.000 денари. Количината на увезени лекови во 2010 година е 672, а заштедата ќе биде околу седум милиони денари. Вкупната заштеда е 45 милиони денари кај овие препарати. Кај антибиотиците најмалото намалувањето на цените е 34,27 проценти, истакна Тодоров.
Тој додаде дека на овој начин во овие неколку месеци спровеле една од најголемите реформи во делот на лековите во Македонија и оти промовираат една мерка или нова политика која ќе овозможи здравствениот систем поефикасно да ги троши расположливите средства кои се обезбедуваат од државата.