Министерството за труд и социјална политика со засилени мерки против вработувањата на црно
Оваа година Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд започнуваме со немилосрдна борба против вработувањата на црно, односно целосно ќе се ставиме во функција на заштита на правата на работниците, истовремено почитувајќи ги и интересите на работодавачите, рече на денешната прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски.
Тој потенцира дека Владата, односно Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, со своите активности посебно се посветени на унапредувањето на оваа област.
- Во 2011 година извршени се 24.513 надзори од областа на работните односи. Постапувано е по над 1.257 барања од работниците за заштита на правата од работен однос. При вршење на инспекциските надзори беа затекнати 993 непријавени работници и при тоа се донесени решенија за кои на работодавачите им се наложува да засноваат работни односи на неопределено време со затекнатите непријавени работници, како и да им се исплатат три просечни бруто плати, рече Ристовски.
Државниот инспекторат за труд, посочи, поднесе 609 барања за поведување прекршочна постапка од областа на работните односи.
- Иако податоците покажуваат намален број затекнати непријавени работници, тенденција ни е оваа бројка да биде незначителна и секогаш да работиме на унапредување и заштита на правата на работниците, истакна Ристовски.
Тој информира дека се направени измени на Законот за работни односи, а заради воедначен пристап во примената на прекршочните одредби се предлага утврдување распон кај износите на глобите наместо претходно утврдениот фиксен износ.
- Сега се утврдува и минимум, односно распон меѓу 6.000 и 7.000 евра за извесна казна. На таков начин ќе се обезбеди поголема гаранција за изрекување на прекршочната санкција, рече Ристовски.
Новина е тоа што ако инспекторот за труд затекне на работа кај работодавачот лице со кое не е заснован работен однос и лицето не е пријавено во задолжително социјално осигурување, со решение ќе му нареди на работодавачот да го пријави лицето во рок од 15 дена. Да заснова работен однос и да му исплати надомест во висина од три просечни бруто плати во Република Македонија, објавени во тековниот месец.
Доколку работодавачот не постапи по решението, инспекторот ќе донесе времено решение за забрана на работа во работната просторија на работодавачот во траење од 15 дена или неговите простории ќе бидат пломбирани. Доколку повторно не се отстранат утврдените незаконитости, следува времено решение за забрана на работа во траење од 60 дена.
Ристовски ги информираше работодавачите дека следниот период ќе има засилен инспекциски надзор и сите заедно да работат на намалување на сивата економија и на подобрување на правата на работниците.
Тој најави дека следниот период Министерството за труд и социјална политика ќе излезе со поголем пакет мерки кои ќе се однесуваат на борбата против непријавените работници, против невработеноста, против начинот на утврдување статус на невработено лице во Република Македонија...
На телефонската линија 15 131 граѓаните можат да пријавуваат неправилности од областа на трудот и работните односи.