Министерот Тодоров во ненајавена посета на скопската поликлиника Бит Пазар
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска беше во ненајавена посета на поликлиниката Бит Пазар во Скопје со цел лично да се увери како функционира новиот систем за упатување и дали тој предизвикува определени проблеми во функционирањето на здравствените домови.
Констатирано е дека нема реален проблем со новиот концепт, но за време на посетата Тодоров се увери дека има пропусти од организациски аспект. Тој при извршената ненајавена посета се увери и дека поголем број вработени не беа на своите работни места за време на работно време. Министерот за здравство му порача на директорот на поликлиниката „Бит Пазар“ и на другите директори на здравствените домови оваа појава сериозно да ја санкционираат и да ја спречат во иднина, како основна работа на која како менаџери треба да внимаваат.
По направената анализа за бројот на пациенти кои доаѓаат на „Бит Пазар“, констатирано е дека нема преотовареност односно вработените немаат повеќе од 400 први прегледи за десетина дена, што значи во просек околу 20 - тина прегледи по доктор дневно.
- Генерално во врска со новиот концепт се уште има по некоја непознаница. Сепак, голем дел од даденото упатство е совладан и се применува, оцени министерот Тодоров, додавајќи оти на самиот почеток оваа реформа може да предизвика определни потешкотии или нејаснотии во функционирањето. Ресорниот министер изрази задоволство од тоа од тоа како досега се применува и функционираат измените односно новиот систем.
Оваа реформа во здравството која почна да се применува од 1-ви јануари, појасни министерот Тодоров, треба да ги растерети клиниките од пациентите кои можат да добијат квалитетна здравствена услуга на пониско ниво. Имено, матичниот лекар нема право да упати пациент директно на Клиника, освен кога станува збор за гинеколозите и педијатрите, кои се специјалисти, потоа за хроничните болни и за оние кои треба да добијат здравствена услуга на терцијално ниво како резултат на контрола. И контролата кога е закажана на терцијално ниво, треба да биде дадена директно со упат од матичниот лекар.