Владата продолжува со проектот за банско-климатска рекреација за пензионерите

Од понеделник до 15 февруари пензионерите може да аплицираат за користење на бесплатна банско-климатска рекреација што како владин проект ќе се реализира трета година по ред.

Барањата се поднесуваат до најблиската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а по завршувањето на рокот ќе се изврши рангирањето кое потоа ќе биде објавено на веб страниците на Министерството за труд и социјална политика и  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и истакнато на сите простории на сојузите на здруженијата на пензионери.

Право да аплицираат имаат сите пензионери, но според утврдените критериуми предност ќе им се даде на оние кои имаат најмали примања. Пензионерите кои ја користеле оваа услуга во 2010 или 2011 година, го губат правото годинава да аплицираат за оваа услуга.

Банско - климатската рекреација вклучува шест полни пансиони во некои од бањите во државата, банска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење до бањата.

Услугата може да се користи само во период од 19 март до 30 ноември во траење од седум дена.  

- Од анализите за двегодишната имплементација на проектот, Министерството за труд и социјална политика констатира дека тој е прифатен од страна на корисниците на пензија, како и од Сојузот на здруженијата на пензинерите. Комисијата за рангирање, пак, професионално и непристрасно ја извршуваше работата што придонесе за објективно рангирање на корисниците на услугата, како и за задоволување на потребите на корисниците за промена на термините или бањите,  истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, додавајќи дека од проектот задоволни се и установите кои ја нудат оваа услуга.

За реализација на проектот обезбедени се средства од Буџетот на Република Македонија, а зависно од интересот, како што посочи Ристовски, постои можност од дополнително проширување на опфатот на пензионерите.

Услугата може да ја користат лица корисници на старосна, инвалидска или семејна пензија, а бањи во кои се реализира ова услуга се „Негорски бањи“, „Дебарски бањи - Цапа“, „Катлановска бања“ и „Цар Самоил“ во Бањско, Струмица.