Четири лаборатории на Бирото за метрологија добија сертификат за акредитација
Четири од вкупно девет лаборатории на Бирото за метрологија се акредитирани од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија. Акредитирани се лабораториите за маса, за притисок, за температура и за волумен и проток.
Според министерот за економија Ваљон Сарачини, под чија надлежност спаѓа и работата на Бирото за метрологија, со акредитирањето на четирите лаборатории ќе се надминат техничките бариери и слободниот проток на стоки и услуги.
- Со ова уште еднаш покажуваме дека ги следиме европските трендови во однос на метролошките институции. Бирото за метрологија ги исполнува и законските обврски кои се дел од нашата агенда кон исполнување на НПА програмата, изјави Сарачини при денешната посета на Бирото за метрологија, изразувајќи надеж дека во иднина и останатите лаборатори ќе добијат сертификат за акредитација.
Директорот на Бирото за метрологија Димитар Парнарџиев оцени дека добивањето на сертификатот за акредитација е од голема важност како за корисниците на услугите, така и за напредокот на индустријата.
- Со добивањето на овој сертификат за зголемува довербата од резултатите на мерењето што се направени во Бирото на национално ниво. Во индустријата и трговијата бенефитот е тоа што ќе добијат поквалитетен производ, а од аспект на секојдневниот живот ќе биде зголемена заштитата на потрошувачите, рече Парнарџиев.
Процесот на акредитација на лабораториите се одвиваше во четири фази: опремување на лабораторискиот центар, имплементација на документ менаџмент систем, дообука на персоналот и меѓулабораториски споредби со други престижни национални метролошки институти.