Министерот Бесими ја отвори иницијалната планирачка конференција за вежбата „СЕЕСИМ 12“

Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска ја отвори тридневната иницијална планирачка конференција за вежбата „СЕЕСИМ 12“ (симулациска мрежа за Југоисточна Европа), која се одржува во Домот на АРМ во Скопје.

Во обраќањето пред присутните тој истакна дека регионот успешно ги остварува планираните цели и тоа преку промовирање на националните и регионалните подготвки, но и на цивилно-воената соработка преку планирање за реагирање во итни ситуации. Токму таквата соработка, потенцира, ги зголемува националните можности за делување според стандардите на НАТО и ЕУ.

Република Македонија во време на светска криза и со ограничени буџети, како домаќин на иницијалната планирачка конференција, истакна Бесими, уште еднаш сака да даде свој придонес, иако скромен, но многу значаен, и да го потврди својот сериозен пристап кон овој квалитетен безбедносен процес.

- Морам да потсетам на потребата од заедничка соработка и координација на нашите активнооти, посебно во однос на заканите и потребите што се појавуваат и неопходноста  да се пристапи и да се соочиме со сите предизвици било да се од човечка природа или да станува збор за природни катастрофи, рече министерот Бесими.

Идентификувајќи се со стратегиските определби на регионот, Република Македонија во рамки на своите можности и капацитети, потенцира министерот Бесими, паралелно со напорите за исполнување и компатибилност со стандардите на евроатлантските структури, од самиот почеток на нејзиното осамостојување, активно учествуваше и неколкупати ја имаше улогата на домаќин на вакви и на слични активности. Потсети меѓу другото дека Македонија во 2006 година претседаваше со Секретаријатот на СЕДМ процесот (процес за соработка на министерствата за одбрана од југоисточна Европа) и со Комитетот на СЕЕБРИГ.

Бесими упати и благодарност за континуираниот придонес на САД за давањето логистичка, техничка и експертска поддршка за успешно спроведување на овој проект.

За Донаван Морис, копретседавач од САД, иницијална планирачка конференција придонесува земјите многу подобро да одговорат индивидуално и колективно на кризните прашања со кои се соочуваат. 

Успешна работа на учесниците им посака и копретседавачот на вежбата „СЕЕСИМ 12“ од Бугарија, како земја диомаќин на вежбата, полковник Валентин Цветанов, кој меѓу другото потенцира дека соработката во рамки на планирањето е круцијална за постигнување позитивни резултати.