Mинистерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска се обрати на завршниот панел на Петтата конференција за медиуми на Југоисточна Европа што изминатите два дена се одржуваше во Струга, во организација на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир со поддршка на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.
Како што истакна министерот Манчевски, Канцеларијата на ОБСЕ и Владата имаат заеднички став во однос на тоа колку е важна медиумската слобода, колку е неопходно да имаме силен и независен јавен радиодифузен сервис и кои се потребните реформи во медиумската сфера во Македонија
„Владата се залага за создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните. Наша цел е МРТ да биде целосно непристрасен и независен медиум, а регулаторните тела да бидат транспарентни, професионални и компетентни. Особено е важно во регулаторните тела и националниот радиодифузер да не членуваат високи партиски функционери, поренешни пратеници, кандидати за градоначалници и роднини на партиски функционери, како што е тоа сега. Регулаторните тела и МРТВ треба да се остават на медиумските работници. Медиумите треба да се остават на медиумските работници“, истакна министерот Манчевски.
Министерот Манчевски се осврна на измените на Законот за АВМУ, кои подготвени со сите засегнати страни, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.
„Во моментот Законот е во Собраниска процедура. Јас сеуште искрено сакам да верувам дека колегите од опозицијата ќе ја увидат потребата од што поскоро носење на овој закон. Но, за жал тоа по се изгледа не е така. Токму вчера бевме сведоци на амандманска расправа во Комисијата за транспорт и врски во Собранието, каде пратениците од опозицијата беа против јавно претставување на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Да се биде против транспарентност и јавност во изборот на независни регулаторни тела, е да се биде против демократските вредности и слободата на медиуми. Тоа нема да го дозволиме. Никогаш повеќе нема да дозволиме политичарите да се пазарат зад затворени врати, а граѓаните да дознаваат за одлуките, откако тие веќе ќе бидат донесени. Се надевам дека и опозицијата ќе го сфати тоа“, информираше министерот Манчевски.
Во својот завршен говор министерот Манчевски, даде осврт на дигитализацијата и слободата на говор, како и на глобалниот проблем со „лажните вести“.
Како што рече тој, тоа што Македонија го прави е на ниво на зголемена и активна транспарентност во работењето на институциите. Овој тип на работење се темели на три основни столбови: демократизација на медиумскиот амбиент, активна транспарентност и зголемен пристап до информации.
„Медиумите и медиумските работници се тие кои треба да бидат мотор на промените. Не смееме да се доведеме во состојба каде поради нарушените медиумски слободи, политичарите, партиите или меѓународната заедница да интервенира, како што беше тоа случај изминатите 2-3 години. Доброто владеење и слободата на медиумите се меѓусебно зависни. Само кога новинарите ќе добијат простор да работат слободно, да набљудуваат, да поставуваат прашања и да известуваат, без страв од притисоци и закани, само тогаш сите граѓани можат да бидат сигурни дека носителите на одлуки ќе се придржуваат до највисоките стандарди“, заклучи министерот Манчевски.