МОН го објави конкурсот за стипендии за студирање во странство

Министерството за образование и наука денеска на својата веб-страница го објави Конкурсот за стипендии за студенти кои ќе запишат додипломски или постдипломски студии на првите 100 универзитети во светот, според рангирањето на Шангајската листа во 2011 година.  За студии од областа на техничките науки, ќе се земаат предвид првите 200 рангирани универзитети на листата, поради нивната дефицитарност.

Министерот за образование и наука Панче Кралев изјави дека право за аплицирање имаат сите ученици и студенти во Македонија кои ќе ги исполнат критериуните во Конкурсот. Тој очекува голем број да ја искористат оваа можност.

Предност да добијат стипендија за 2012/2013 година ќе имаат студентите запишани на универзитет што во 2011 година е повисоко рангиран на Шангајската листа. За прв циклус студии треба просечна оценка 5, а за втор циклус над 8,5. Критериум е и познавање на јазикот на земјата во која студентот ќе студира.

Стипендиите ќе бидат од два типа, по избор на студентите - делумна (само за школарината) и целосна (за школарина и за трошоци за живот).

Конкурсот ќе трае до крајот на мај и има нови критериуми. Новина е што по завршување на студиите, студентите ќе имаат можност да изберат дали да се вработат во странска компанија од листата Fortune 500 и таму да останат три години или да се вратат во Македонија каде што 6 месеци ќе им бидат на располагање на државните институции и право да бараат работа во приватниот сектор.

Ако не се вратат во државата и останат во странство и по трите години поминати во некоја од 500-те водечки компании, ќе бидат обврзани да го надоместат трошокот за добиената стипендија во трикратен износ.

Бројот на стипендии не е утврден зашто МОН сака да ги овозможи за што поголем број кандидати.

- Буџетот за оваа намена за следната академска година е 300.000 евра, но со оглед дека годината почнува во септември, можно е и негово зголемување со ребаланс ако има поголем интерес. Досега аплицираа многу малку студенти. На минатиот повик имаше само шест. Затоа не сакаме да ставиме рамка, за 20, 30 или 50, туку МОН сака да им обезбеди стипендија на сите што ќе ги задоволат условите за студирање во странство. Се надевам дека овојпат ќе има зголемен интерес, рече министерот Кралев минатиот месец, кога го најави конкурсот.