Тодоров најави изготвување Акциски план за справување со ефектите од екстремно ниски температури

Министерството за здравство заедно со Светската организација ќе почне постапка за изготвување на Акциски план за справување со ефектите од екстремно ниски температури во Македонија, кој се очекува до крајот на летото да се развие за наредната зима да функционира.  Ова се дел од заклучоците на Комисијата за климатски промени при Министерството која денеска одржа работна средба.

Заклучоците на Комисијата денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека на средбата разгледувале акциски планови за справување со ефектите со екстремно ниски температури кои ги имаат развиено некои држави, како што се Швајцарија, Англија итн.

Тој истакна дека Македонија е прва земја во регионот која има Акциски план за справување со ефектите од топлотните бранови.

- Акцискиот план не може да биде преземен од друга земја бидејќи задолжително е тој да се развива за конкретно климатско подрачје. Во однос на ниските температури и можните ефекти врз здравјето на населението беше заклучено дека станува збор за ниски температури кои се циклично вообичани за определена територија или региони во Македонија, посочи Тодоров.

Заради можноста поради изложеност на ниските температури да има појава или влошување на хроничните болести, како што се заболувања на респираторниот систем, астма, хронични и опструктивни болести, како и болести на кардиоваскуларниот систем, коронарна болест и други заболувања на срцето кое може да доведе до миокарден инфаркт итн., Комисијата ги донесе следните препораки: за време на зимскиот период со цел заштита на здравјето се препорачува носење на топла и сува облека, престој во топла простории, пиење топли напитоци, избегнување на алкохолни пијалаци и посветување на поголемо внимание при движење заради можноста за повреди и скршеници од лизгави површини, да се избегнува непотребно излегување од дома посебно за вулнерабилните групи, постари и хронично болни лица, како и редовно земање терапија од матичните лекари.

Комисијата, рече Тодоров, заклучи компаниите да направат проценка на ризикот на работното место и за оние работници кои се изложени на ниски темепратури да се направи посебен режим на работа, како и препорака до работодавачите сите лица кои работат на отворено и во екстремно ладни услови да им се овозможи топли напитоци и почести паузи во топла просторија.

- Согласно последните податоци од Институтот за јавно здравје минатата недела се пријавени 245 лица со симптоми на грип. Изолирани се три случаи односно направени се лабораториски потврди и констатирано е дека станува збор за сезонски грип. Во однос на минатата година, оваа нема епидемична форма на грип и има драстично помал број на заболени од грип, истакна Тодоров и додаде дека нема зголемен број заболени од грип во Битола каде има екстремно ниски темепратури. 

Ако минатата година во декември, како што рече, сме имале 1.000 заболени, оваа година има 500 заболени. Минатата година во првата половина на јануари имало 3.500 заболени, цел јануари 7.000, а оваа година во првата половина на јануари има 367 заболени од грип, што е сериозно помал број заболени.

Според Тодоров, очекувано е во овој период да се зголемува бројот на заболени од грип и населението треба да ги почитува препораките, почесто да се проветруваат просториите, да се избегнува контакт со заболени и при симптоми да се направи консултација со матичен лекар.

Тој потенцира дека испратиле допис до Министерството за образование и наука со препорака за зголемување на санитарно-хигиенските услови во училиштата, обезбедување доволни количества средства за лична хигиена и дезинфекција на работните површини и почесто проветрување на училниците.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека нема добиено барање од матичните лекари за воведување партиципација од 50 денари за секој пациент, а кога ќе го добие ќе се произнесе.