Средба на министерот за одбрана Фатмир Бесими со заменик-помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер
Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер.
На средбата министерот Бесими го нагласил значењето за побрзо членство на Република Македонија во НАТО, како од аспект на стабилноста и развојот на Република Македонија, така и за регионот на југоисточна Европа, соопшти Министерството за одбрана. Особено било истакнато дека НАТО останува приоритет и оти активно ќе се работи за остварување на оваа стратешка цел на Република Македонија.
Членство во НАТО на Република Македонија и на регионот, потенцирал Бесими, ќе значи успех и за НАТО, за Европа и за САД, затоа што, посочил, тоа ќе гарантира безбеден и стабилен регион како предуслов за одржлив развој. Тоа, како што нагласил министерот Бесими, впрочем, е и заедничка цел и со тоа регионот ќе стане порелевантен партнер во мисијата за глобалниот мир.
- Воедно, беше посочено и дека со голема посветеност и искреност ќе работиме на надминување на разликите со Република Грција во спорот со името. Притоа беше побарана поддршка од САД како пријател на двете страни да помогнат во овој процес кој се одвива под покровителство на Обединетите Нации, стои во соопштението од МО.
Во тој контекст министерот Бесими информираше и за планираните активности за посета на повеќе земји-членки на НАТО пред претстојниот самит во Чикаго, со цел изразување на стратешката определба на Република Македонија за членство во Алијансата.
Министерот Бесими ја поздрави новата одбранбена стратегија на САД, која ги потврдува натамошните заложби за зачувување на глобалниот мир и стабилност и изрази задоволство што евроатлантските интеграции, НАТО и стабилноста во Европа и регионот остануваат во вниманието на оваа стратегија заедно со приоритетите на САД за 21-от век, каде што главниот фокус е насочен кон Азија и Пацификот.
Рикер потврди дека САД силно ја поддржуваат евроатланската интеграција на Република Македонија, укажувајќи на потребата за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за името, како и неопходноста во континуитет да се реализираат реформите за исполнување на стандардите за полноправно членство во НАТО.
Рикер констатираше дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат во насока на реализација на крајната цел – полноправно членство во Алијансата и во тој контекст го поздрави долгогодишниот ангажман и високиот професионализам на македонските мировници во меѓународните мисии.
На средбата на која беа присутни и амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Волерс, полковникот Карл Шулер и политичкиот советник Џесика Џон, министерот Бесими брифираше и за идните проекти на Министерството за одбрана во областа на реформите кои се во насока на постигнување компатибилност со НАТО. Тој информираше за новата формација на АРМ според НАТО-стандардите, донесена неодамна, како и за напорите за имплементација на новиот концепт на НАТО наречен „смарт дефенсе“ (паметна одбрана).