Премиерот Груевски оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД Рикер

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 18.01.2012 година) оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави, г-дин Филип Рикер.

Соговорниците ги констатираа пријателските односи кои постојат помеѓу двете земји на севкупно ниво, кои се развиваат и движат во духот на Договорот за стратешко партнерство, како и меѓусебната поддршка во процесите од значење за двете земји.

На средбата се разговараше за евро-атлантските и европските интеграции на Република Македонија, за реформските процеси и постигнувања на земјата и предизвиците на овој план. Беше истакната и заложбата и активноста за унапредување на областите каде е потребен поголем напредок.

Беше дискутирано за пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг и нејзиното значење како позитивен моментум во процесите на интеграцијата на нашата земја во евро-атлантските структури. Соговорниците се осврнаа и на последната рунда на преговори за надминување на спорот со името кои се водеа под покровителство на ОН.