Бесими - Имами: Високо ниво на соработка, поддршка од Албанија за членството на Македонија во НАТО и ЕУ

Исклучително добра соработка во областа на одбраната, на високо ниво соработката во однос на прашањата за евроатлантските интеграции и за регионот, констатираа министрите за одбрана на Македонија и на Албанија, Фатмир Бесими и Арбен Имами, кој се наоѓа во официјална посета на земјава.

На средбата, министерот Имами ја потврдил целосната поддршка на Албанија за членството на Република Македонија во НАТО.

- Колку побрзо Македонија и земјите од регионот бидат интегрирани во НАТО и во ЕУ, тоа ќе биде само во интерес на мирот, безбедноста, стабилноста и развојот на регионот. Интегрирањето на Република Македонија во НАТО е во најдобар интерес и за Република Албанија, изјави по средбата Имами.

Сепак, тој изрази надеж дека, како што рече, техничкиот и политички проблем што постои меѓу Македонија и Грција, да се реши колку што е можно побрзо и земјава да стане полноправна членка и на Алијансата и на ЕУ. 

Соработката, посочија Имами и Бесими, има простор да биде проширена и на многу други полиња, особено во насока на заедничка заложба за промоција на проектите „паметна одбрана“ и порационално користење на ресурсите во одбраната. Во тој контекст, од македонска страна, понудна е можност да се користи армискиот полигон „Криволак“ и Регионалниот центар за комуникации.

Албанскиот министер за одбрана ја најави и можноста во рамки на Јадранската група - А5, или во која било друга форма, да се формира заедничка група која би се соочувала со евентуални итни интервенции било тоа да се природни катастрофи или терористички закани.