Потпишан договор за реновирање и реконструкција на Домот за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ во Битола
Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и директорот на компанијата „БВ Инженеринг“ Борис Неделковски денеска потпишаа договор за реновирање и реконструкција на Домот за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ во Битола.
Проектот ќе почне идниот месец, а предвидено е да заврши за една година, или до февруари 2013 година. Ќе се реконструираат надворешниот и внатрешниот дел на објектот, скалите, ќе се зајакне носечката конструкција, ќе се постави нова санитарна опрема, ќе се постави еден лифт, а предвидена е и нова фасада.
Бејта рече дека Министерството за локална самоуправа е надлежно за реализација на овој проект, што се финансира во склоп на ИПА прва компонента од 2007 година, програма „ФИШЕ“. Со оваа програма, како што рече, се финансираат и проекти во 14 општини.
- Потпишаниот договор е во износ од 850 илјади евра, од кои Министерството за локална самоуправа ќе одвои 672.211 евра, а општина Битола ќе одвои 178.337 евра, рече Бејта и додаде оти овој проект е значаен за државата и за граѓаните, а посебно за жителите на Битола.
Тој информира дека при крај е реализацијата на повеќе проекти, кои ги финасира Министерството за локална самоуправа, како реконструкција на училиштето „Никола Вапцаров“ во Струмица, изградба на новата спортска сала во основното училиште „Реџо Рушит Зајас“ во Зајас.
Градоначалникот Талески истакна дека општина Битола наоѓа начини како да ги подобри условите за живеење на своите граѓани.
- Во моментов во Домот за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ во Битола има 140 легла, сместени во нестандардни услови. Проектот со кој аплициравме ги исполнува сите европски норми и се работи за исклучително модерен дом за стари лица со што ќе се зголеми капацитетот. Сегашните 1.209 метри квадратни ќе бидат реконструирани и во новиот дел ќе имаме околу 2.400 метри квадратни, рече Талески.
Домот сега има два блока, а по реконструкцијата и реновирањето се очекува да има вкупно 190 легла.
Талески информира дека во Домот имаат барање за престој на нови 30 лица.