Редовна седница на Комитетот за странски инвестиции

Во Владата на Република Македонија вчера (петок, 20 јануари 2012 година) се одржа редовна седница на Комитетот за странски инвестиции со која претседаваше премиерот Никола Груевски.

Комитетот разгледуваше повеќе точки кои се однесуваат на конкретни активности во доменот на привлекувањето странски инвестиции.

Во таа насока, Комитетот беше информиран дека во изминатите два месеци, десет нови меѓународни компании неофицијално имаат испратено известување дека се донесени интерни одлуки за отпочнување инвестициски проекти во Република Македонија во текот на 2012 година. Вообичаено, објавата на имињата на компаниите од деловни причини се случува тогаш кога самите за тоа ќе одлучат, што најчесто е пред почетокот на официјалната градба или при потпишувањето договори со Владата. Се очекува поголем дел од овие компании тоа да го сторат најдоцна до средината на оваа година.

Покрај овие десет компании, Комитетот беше информиран дека приближно уште толкав број се блиску до носење таква одлука, а континуирано се водат разговори и со поголем број други компании кои бараат нови локации со добри услови за водење бизнис.