Пуштено во употреба двојно тениско игралиште во ОУ „Јан Коменски“ во Скопје

Премиерот Никола Груевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски денеска го пуштија во употреба двојното тениско игралиште во основното училиште „Јан Коменски“, во општина Карпош.

- Тенисот, е прекрасен спорт кој има голема перспектива во Република Македонија. Можеби на овие тениски терени кои денеска ги пуштаме ќе произлезе некој македонски тенисер кој ќе ни донсесе светска слава. Сакајќи таквите тенденции да ги забрзаме како Влада го почнавме „Проектот за изградба на 100 тениски терени“ низ цела Македонија, рече Груевски.

Toj изрази убедување дека ваквата политика за изградба на нови спортски терени, тениски и фудбалски игралишта, спортски сали и повеќенаменски спортски игралишта ќе даде огромен поттик и силен импулс во македонскиот спорт. Со изградбата на нови спортски објекти, нагласи Груевски, условите за напредок во спортот и добивањето врвни спортиси се многу поголеми, а вели, кога се работи за спортот не смее да има политика.

- Спортот е создаден да гради личности со карактер, со спортски натпреварувачки дух и со здрав систем на вредности. Спортот треба да сплотува и обединува, да биде носител на националната гордост, да е најдобар амбасадор на Македонија и да биде промотор на нашите вредности. Во него нема различности, нации, поделби во него има посветеност, одговорност, знаење и вештини, а токму индивидуата која ги поседува овие карактеристики во животот е предодредена да успее. Тука сме сите под едно знаме, под една химна и се радуваме на исти успеси, на успесите на Македонија, нагласи Груевски.

Агенцијата за млади и спорт, според директорот Поповски, се грижи за највисоките спортски вредности, а тоа е почитувањето, соработката и желбата за постигнување највисок успех во секој домен од животот. Овој терен ги исполнува сите стандарди на Меѓународната тениска федерација, почнувајќи од подлогата, оградата, рефлекторите и целата останата опрема, информира Поповски.

Покрај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, спортската сала во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, вешташката карпа за качување..., во општина Карпош вкупно се изградени и седум нови тениски игралишта на три локации.