Груевски: Проектот „Купи куќа – купи стан“ се води преку банките и тоа е сериозен негов кредибилитет
Проектот „Купи куќа – купи стан“, којшто влегува во реализација е одлична можност за илјадници граѓани на Република Македонија кои не можат да дојдат до средства за решавање на станбеното прашање со овие поволности што ги нуди Владата да дојдат до остварување на својата цел - да изградат своја куќа или да купат стан, изјави премиерот Никола Груевски.
- Проектот се води преку банките и тоа е сериозен негов кредибилитет. Значи, изборот нема да го врши Владата па да речат партиски или вака, онака, туку тоа ќе си го вршат комерцијалните банки. Вклучени се најголемиот дел од банките, сите што сакаа да се вклучат, сите беа поканети, така што очекувам некаде на пролет да ги имаме и првите резултати и огромен број граѓани на Република Македонија да дојдат до остварување на својот животен сон – купување на куќа, изградба на куќа или купување на стан, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на двојно тениско игралиште во наслеба Карпош.
Тој упати апел до градоначалниците да овозможат поголема реализација на деталните урбанистички планови со цел градежните фирми да можат да изградат повеќе куќи или згради затоа што, вели, не се исклучува во иднина да има инвеститори кои нема да инвестираат само во згради, туку и во цели населби со куќи кои подоцна една по една ќе ги продаваат како што се случува во западните развиени земји.
- Кај нас обично, досега, само згради се градат, но не се исклучува да земе еден инвеститор поголем плац да изгради 100, 200, 300 куќи и поединечно да ги продава. Доколку нема простор за градба ќе се доведе во опасност проектот, односно ќе нема доволно можности за остварување на сите овие планови или ќе се пренасочи само кон станови што не е добро. Добро е да се пренасочи кон куќи бидејќи тие имаат дополнителна вредност затоа што во иднина тие може да се надградат, да се прошират кога семејството ќе се зголеми и на тој начин практично овозможуваат повеќе можности за едно семејство да се прошири и да има повеќе деца, посочува премиерот.
За тоа колку Македонија е конкурентна за странските инвеститори, шефот на Владата ја појасни владината стратегија за привлекување инвестиции која се темели на три столба - ставање на земјата на светската мапа на инвеститори преку континуирана меѓународна кампања, унапредување на условите за водење бизнис и вложување во образлованието за создавање што повеќе едуцирани кадри.
- Македонија беше надвор од сите мапи на инвеститорите, на странските инвеститори и на странските инвестициони куќи и на консултантските куќи коишто насочуваат инвеститори. За да се вратиме прво требаше да направиме меѓународна кампања за да се подигне имиџот и да се информира светот за тоа какви се условите за правење бизнис во Македонија и да се повикаат во Македонија. Заради тоа веќе три-четири години имаме меѓународна континуирана кампања за информирање на странските инвеститори и паралелно на тоа имаме меѓународна континуирана кампања за промоција на Македонија како туристичка дестинација што, меѓу другото, помага и за имиџот на државата, рече Груевски.
Во однос на направените крупни промени во сферата на унапредување на бизнис-услови, целта е вели, кога ќе дојдат бизнисмените не само што земјата е добро изрекламирана, туку да видат и дека има ниски даноци, многу помалку бирократски процедури како што било во минатото, многу побрзи услови за правање бизнис и мнгоу погодности. - Тоа го правиме континуирано. Светската банка го следи и секоја година ни оддава високо признание за тоа и веќе, според листата на Светската банка, сме 22-ри во светот, пред 19 земји во ЕУ во делот на создавање на добра бизнис-клима, односно добри услови за компаниите да прават бизнис независно дали се странски или се домашни. Ние подеднакво работиме да создадеме добри услови за странските и за домашните инвеститори, подвлекува премиерот.
За да се овозможи што поголем број наши граѓани да се едуцираат, да завршат повисоко образование, да стекнат поголеми вештини, Владата, рече отвори нови универзитети, нови факултети, многу дисперзирани студии, кампања за поттикнување на младите луѓе да одат на високо образование.
- Овозможивме исто така и повеќе насочување кон техничките науки и соработка со компаниите и факултетите како што беше со „Џонсон контрол“ пред да ја отвори фабриката тие едуцираа кадар на Машинскиот факултет што подоцна го презедоа во фабриките и го насочија токму за производството што нив им е потребно, рече премиерот Груевски појаснувајќи ги трите главни столба на кои се заснова владината стратегија за привлекување инвестиции и кои важат и за странски и за домашни инвеститори.