Унапредување на правата на ЛГБТИ лицата во Македонија, но и во земјите од Западен Балкан е тема на Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ која се одржува во Скопје од денеска до шести октомври. Како дел од конференцијата се одржа и министерски состанок на кој освен министите за труд и социјална политика и за здравство Мила Царовска и Венко Филипче присуствуваа и министри од ресорни министерства од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На состанокот беа разменети искуства за активностите со кои треба да се обезбеди поправедно и послободно општество за ЛГБТИ. Исто така беше договорено да продолжи работата на регионалната интервладина група за ЛГБТИ и Македонија да биде прва земја претседавач.
„Заложбите на македонската Владата се да создадеме едно општество за сите, во кое секој ќе има еднаков пристап до образование, вработување, здравство и заштита од било какво насилство и во ова имаме напредок изминатата година. Подготвивме нов закон за заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура и во кој се вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и истите ги санкционира, но и ја ратификувавме Истанбулската конвенција“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на отворањето на конференцијата.
Биљана Гинова, ко-претседавачка на ЕРА, организиатор на конференцијата, рече дека се радува што во Македонија се одржува еден ваков настан, но и дека се надева дека ваквите можности за дијалог и безбеден простор ќе станат сè почести и ќе се креираат во сите земји од регионот.
„До пред скоро две години државата беше најголемиот извор на хомофобија и трансфобија, а вчера бевме гости на прием организиран од две министерства, го одржавме и годишно собрание на ЕРА во просториите на Парламентот, а денес имаме министерски состанок чиј домаќин е Министерството за труд и социјална политика, а каде владините претставници од повеќе земји од регионот дискутираат како да се креираат послободни и поправично општества за ЛГБТИ луѓето во земјите од Западен Балкан и Турција. Ги поздравувам позитивните чекори преземени во изминатата година“, изјави Гинова.
Македонија е единствена држава во поширокиот регион која има Интер-партиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Во фаза на донесување е и на акциски план со кој треба да се имплементира Истанбуласката конвенција која многу значи за унапредувањето на правата на ЛГБТИ лицата, но и сите други маргинализирани групи граѓани.