Продолжува кампањата за превенција на педофилија преку едукација на децата, наставниците и родителите
Министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука, со поддршка на Црвениот крст на Мкаедонија ќе ја продолжат едукацијата на децата, наставниците и родителите за препознавање на педофилијата, со цел да таа се превенира, откако досега спроведените активности ги дале очекуваните резултати.
- Првичните резултати од досегашната имплементација на оваа кампања покажуваат исклучително позитивна реакција и кај родителите и кај наставниците, но за нас беше најважно тоа што самите деца се јави потреба да вистинска информација. Во поглед на очекувањата треба тоа да ни помогне многу во процесот на превенирање на ова кривично дело, практично на ова зло, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој имаше обраќање на тркалезна маса „Со едукација и знаење до превенција од сексуална злоупотреба и педофилија“.
Тој додаде дека досега активности во рамки на оваа кампања биле спроведени во 142 училишта, од кои 102 основни и 40 средни, во 29 општини.
Би сакал да најавам дека овој проект продолжува и ќе бидат опфатени сите училишта во Македонија зошто резултатите од досегашната кампања ги покажа најдобрите резултати, рече министерот Ристовски.
Во борбата против педофилијата, истакна, ќе помогне и изготвувањето на посебниот регистер за лица осудувани за педофилија, за што се даде можност по вчерашното донесување на Законот во Собранието на Република Македонија. Регистарот треба да се изготви во наредните три месеци.
- По ова досега осудените 68 лица за ова кривично дело ќе бидат објавени на самиот регистер и ќе бидат јавно достапни. Откако на мегдан ќе бидат ставени осудените за тешкото зло, освен од државата, ќе бидат осудени и од околината, рече министерот за труд и социјална политика.
Активностите за превенција на сексуалната злоупотреба на децата преку нивна едукација, како и едукација на родителите и наставниците како да ги препознаат педофилите се реализираат и со поддршка на Министерството за образование и наука.
- Обуките кои се спроведуваат на наставниците, родителите и учениците се една активност која во следниов период ќе продолжи и ќе ги опфати сите училишта во Република Македонија, истакна министерот Панче Кралев.
Поддршка за проектот дава и Црвениот крст на Република Македонија. Според Генералниот секретар Саит Саити оваа кампања е показател за успешната соработка на државните институции и граѓанските организации при заштита и справување со одредени социјални ризици.