Попоски: Европскиот парламент треба да ја воспостави праксата на ОН за користење на придавката „македонски“


Не радува што е согледан фактот од недостатокот на употребата на придавката „македонски“ од претходниот извештај. Во тој поглед сметам дека сите европратеници се свесни како еден суштински недостаток предизвикува негативни последици, особено од аспект на кредибилитетот на процесот на драфтирање. Тоа што е нагласено е дека Европскиот парламент треба да ја воспостави праксата на Обединетите Нации при користење на придавката „македонски“.


Ова денеска во Брисел го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски по средбата со известувачот за Македонија Ричард Ховит, а во врска со денешното гласање на драфт - резолуцијата за напредокот на државата  во 2011 година.


Министерот истакна и дека на денешното гласање на драфт - резолуцијата е оценето дека постои напредок во реформскиот процес и оти Македонија е оценета како трета реформаторска држава во овој период. Од тој аспект е нотиран и капацитетот на државата да се справи со глобалната економска криза.


Значајно е да се нагласи и фактот дека Европскиот парламент ја потенцира потребата Советот на ЕУ што поскоро да ја испочитува препораката на Комисијата за почеток на пристапни преговори, а  Владата на Република Македонија останува доследна  во продолжувањето на  реформските процеси. Во тој контекст министерот Попоски објави и дека штотуку е прифатен националниот план за прифаќање на Европското право.