Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули вчеравечер во живо, на социјалната мрежа Фејсбук одговараше на прашања на граѓаните во однос на аерозагадувањето.
Овој начин на комуницирање, покрај останатите средби, како што рече Макрадули ќе стане практика, со цел секое прашање на граѓаните да добие соодветен одговор. Најголем беше интересот за инспекциските служби и контролите, како и за големите индустриски капацитети.
На прашање на граѓаните, каде може да се пријавуваат загадувачите, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули рече:
„Во Република Македонија постои државен инспекторат, којшто се грижи, согласно закон, за оние инсталации, за коишто велиме дека се со А лиценца, додека Градот Скопје и општинските се грижат за оние што имаат Б лиценци“. Но во овој момент правиме сериозна промена во тој дел. На системот ЕНЕР веќе се наоѓа законот за инспекциски совет, којшто е чадор на сите инспекции. Со него нема да биде строго поделена надлежноста, како што беше до сега и да се бега од одговорноста, туку напротив да се интервенира“.
Заменик-министерот Макрадули дополни дека инспекциските контроли се вршат редовно, а по потреба и на повик, и вонредно. Тој додаде дека со почетокот на грејната сезона, кога и загадувањето на воздухот е поголемо, инспекторите сѐ повеќе се на терен.
„На пример Градот Скопје, вонредно ги проверија сите компании коишто имаат Б лиценца и во септември и октомври оваа година, изречени се двојно повеќе казни отколку во истиот период лани“, истакна Макрадули.
Во однос на големите компании, за кои граѓаните сметаат дека во значителна мера го зголемуваат загадувањето на воздухот, Макрадули посочи дека во Република Македонија има 396 компании со легални лиценци, од кои 160 со А и 236 со Б дозволи. Но, како што додаде тој, има и компании коишто работат со усогласување на оперативниот план, како што е примерот на Југохром, според кој од 2014-та година не успеа да се усогласи со оперативниот план, не набави филтри и сега не работи.
„Во РЕК Битола, после подолго време се потпиша договор со компанијата што победи на тендер, тоа е МЗТ инженеринг за 22 милиони денари да ја третира прашината којашто се крева при работата на овој комбинат“, истакна меѓу другото Макрадули.
Во синоќешниот онлајн разговор со граѓаните, заменик-министерот Макрадули секако се осврна и на Планот за чист воздух, којшто е стратешки приоритет на Владата. Со овој документ, како што истакна Макрадули спроведувањето на мерките и активностите нема да зависи од поединци, туку ќе бара вклученост на сите чинители. Целта на Планот за чист воздух е да се справи со најголемите загадувачи, односно загревањето на домаќинствата, сообраќајот и индустријата. И затоа, како што рече ЗМЖСПП Макрадули, со него ќе постигнеме добар резултат.
„Едно училиште во зимскиот период за греење на нафта троши од 30 до 40 илјади евра. За споредба еден инвертор чини 250 евра. Со промена на начинот на греење, за почеток во градинките и во училиштата, ќе постигнеме двоен ефект - заштита на животната средина и заштеди во буџетите на овие установи и тие средства потоа ќе можат да се пренаменат за други потреби“, посочи Макрадули.
Во ова насока, заменик-министерот Макрадули рече и дека социјалните случаи коишто се греат на нееколошки средства, ќе добијат директна помош од државата за замена на начинот на греење.
На бројните реакции на граѓаните дека 1,5 милиони евра се премалку пари за борба со аерозагадувањето, заменик-министерот Макрадули истакна дека тоа е само првичен буџет и дека кон средината на декември е предвидена донаторска конференција за прибирање на дополнителни средства.
„Постојат 22 милиони евра во буџетот коишто се наменети за различни области од доменот на заштитата на животната средина, дали се однесува на природата, водата, третирање и менаџирањето на отпадот. Или ако сакате да ги прошириме тие средства, тука би влегле средствата од 1,5 милијарди денари за гасификација, вложувањата на Министерството за образование и наука во однос на енергетската ефикасност на објектите, стимулациите коишто постојат во Министерството за економија. Така што тој буџет е прилично поголем од она што се претставува“, заклучи Макрадули.