Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули го посети училиштето ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, каде што начинот на греење, наместо со нафта е заменет со био гориво (пелети).
Во рамки на посетата, заменик министерот, заедно со градоначалникот на општина Аеродром , Златко Марин извршија увид на новиот котел што со заеднички средства го набавија општина Аеродром и Бирото за регионален развој.
Притоа, заменик министерот Макрадули го поздрави преминот на еколошки начин на затоплување во училиштето и изрази уверување дека родителите чии деца учат тука денеска се помирни.
- Ова е добар пример како општина Аеродром го следи владиниот план за чист воздух, кој пред два дена доби голема меѓународна поддршка на министерскиот состанок на Југоисточна Европа“, изјави Макрадули и додаде дека новиот еколошки извор на затоплување во ОУ „Гоце Делчев“ го оправдува мотото „штедиме средства и ја чуваме животната средина“.
Исто така, тој нагласи и дека поставувањето печка во мало подрачно училиште не претставува парцијално решение, туку е дел од стратегијата за справување со загадувачите.
- Ова е прво училиште во Општина Аеродром што премина на ваков систем на загревање и се надевам дека во наредниот период и другите училишта во нашата општина што се загреваат на нафта ќе го следат овој пример“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека се очекува трошоците за греење на овој објект да бидат препопловени, а со ваквиот начин на загревање ќе се даде голем придонес за намалување на загадувањето на животната средина и на амбиенталниот воздух, што претставува голем проблем во зимскиот период.
Општина Аеродром веќе подолг период се соочува со големо загадување на амбиенталниот воздух. За најголем причинител за загадувањето се смета непокриеноста со топлификациона мрежа во руралниот дел од Општината, односно во Горно и Долно Лисиче. ОУ Гоце Делчев редовно го посетуваат 325 ученици и 15 дечиња во центарот за ран детски развој.