Ивановски: Владата планира да излезе со конкретни мерки за подобрување на деловната клима
Микро и малите претпријатија ќе бидат целната група на четвртата фаза од проектот регулаторна гилотина. Како што рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски пред претставниците на бизнис-заедницата во Куманово, до крајот на април годинава Владата планира да излезе со конкретни мерки за подобрување на деловната клима во овој сегмент, но и со рокови за нивно имплементирање, како и за прилагодување на институциите и легислативата.
- Остварувањето на задачите кои се пред нас нема да биде лесно. Сметаме дека ваквиот, директен, начин на комуникација со претприемачите е најсоодветен. Битно е да отвориме конструктивна дискусија. Она што можеме веднаш, ќе го одговориме, но, сепак, секоја забелешка и сугестија ќе биде внимателно разгледана на владините комисии, истакна Ивановски.
Тој потенцира дека стопанствениците до крајот на годината ќе можат да доставуваат предлози за поедноставување и елиминирање на административните бариери преку едноставно пополнување обрасци и нивно поднесување до Министерството или електронски.
Нелојалната конкуренција, високиот данок на имот, неможноста за наплата на побарувањата, ликвидноста и неизедначеноста на компаниите со останатите субјекти во државата при регулирањето на имотните листови по принципот едно евро за метар квадаратен, се најгорливите проблеми со кои се соочуваат компаниите. Тие од претстојната фаза на регулаторната гилотина очекуваат унапредување и поевтинување на услугите при добивањето одобренија, документи, дозволи и лиценци, како и скратување на роковите.
- Сигурни сме дека одредена регулатива, наместо позитивно, може да делува негативно од објективни причини како што е немањето правна служба во некоја фирма која би ги следела законските измени. Мора да се согласиме дека постојат регулативи за чија примена нема дилема - издавањето фискална сметка или пријавувањето работници, но постојат многу каде што реално може да се интервенира, нагласи Митко Алексов, директор во Сојузот на стопанските комори.
Тој предочи дека моментно има 160 основи по кои компаниите можат да бидат казнети, а глоба од 10.000 евра за мали претпријатија е превисока и практично погубна, односно би значела банкрот.
Министерот Ивановски го презентираше електронскиот регистар на прописи и уште еднаш напомена дека реформите во администрацијата интензивно се спроведуваат, а продолжува и развојот на информатичкото општество со цел поефикасни и поквалитетни услуги за граѓаните. Направен е, додаде, и софтвер кој ќе овозможи следење на инспекторите зашто има поплаки, како што рече, дека се селективни при посетата на одредени компании во малите општини.
Министерството за финансии, информира Ивановски, веќе подготвува закон за задолжници кој треба да им излезе во пресрет на бизнисите при наплатувањето на побарувањата.
Денешната средба со стопанствениците од Куманово е прва од планираните во вкупно 20 општини што треба да се реализираат следните осум недели.