Премиерот Груевски пушти во употреба нова спортска сала во Битола
Преседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во придружба на министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот Владимир Талески, денеска во Битола ја пушти во употреба новата спортска сала што ќе ја користат учениците од средното училиште „Кузман Шапкарев“.
Новата сала е дел од проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, а битолското земјоделско училиште ваков објект доби за прв пат во својата 104-годишна историја.
- Во овие 104 години на средното земјоделско училиште минале 104 генерации, а спортска сала не виделе. Им ветивме на учениците и наставниците, но и на спортските клубови и рекреативците дека спортска сала ќе изградиме и ја изградивме. Во нашиот мандат, оваа е четврта изградена спортска сала во Битола, а изградивме и други спортски терени, истакна премиерот Груевски.
Според него, носењето на детални урбанистички планови од општината, добрата комуникација со Владата и министерствата, забрзувањето на процедурите и постапките потребни за реализација на проектите му носат на битолскиот регион повеќе проекти и позитивни ефекти.
- Нашата соработка е на завидно ниво, како на полето на инвестициите во нови спортски терени, така и на сите други полиња од интерес за битолчани, рече Груевски.
Во контекст на тоа, премиерот ги спомена изградбата на зградите со станови за лица во социјален ризик и млади брачни парови, опремувањето на Клиничката болница со најсовремена медицинска опрема, реконструкцијата на повеќе училипшта во битолскиот регион, инвестицијата за изградба на локалната патна мрежа за поврзување на индустриската зона „Жабени“, како и големиот број проекти на самата општина кои и носат поубава иднина.
Министерот за образование и наука Панче Кралев посочи дека во рамките на проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали досега во употреба се пуштени 18, а пред почетокот на новата учебна година ќе бидат отворени уште седум нови сали.
- Создаваме услови за непречено одвивање на наставата за спорт и спортски активности, а исто така и за рекреација на граѓаните и организирање спортски натпревари. Со отворањето на новите спортски објекти, ќе се создадат услови за откривање нови таленти во разни спортски дисциплини, истакна Кралев.