Груевски: Индустриската зона „Жабени“ ќе биде сериозно раздвижување на пазарот на работна сила во Битола
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски за време на денешниот престој во Битола истакна дека Индустриската зона „Жабени“ е реален проект во кој наесен ќе ги има првите вработувања.
- Проектот е успешен затоа што имаме поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот Владимир Талески. Без тоа не ќе можевме да реализираме и многу други работи, рече премиерот Груевски.
Тоа, нагласи, не го кажувам заради него, туку затоа што имаме неколку други општини од каде нема таква волја и каде што работите не одат, каков што е примерот со градот Охрид каде во овие 5 години се обидовме се да направиме, но тоа оди многу тешко.
- За време на средбите со тамошниот градоначалник се е добро, тој е насмеан, расположен и отворен, но кога ќе дојде време нешто да се реализира, нема одговор - напротив максимално кочење, истакна премиерот Груевски.
Преговорите со германската компанија „Кромберг и Шуберт“, посочи, се одвивале повеќе од две години во кои учествувал економскиот тим односно министрите Веле Самак, Владимир Пешевски и Зоран Ставревски, но ефикасниот крај е резултат активноста на битолскиот градоначалник кој ги исполнил сите барања на германскиот инвеститор, со што во индустриската зона „Жабени“ ќе се создадат услови за околу 2.000 нови вработувања.
- Освен директните вработувања овој гигант ќе има и индиректни вработувања од помали фирми кои ќе го снабдуваат или ќе работаат за тој капацитет. Индустриската зона ќе биде сериозно раздвижување на пазарот на работна сила во Битола, поттик за многу лица да се определат за одредена струка со различен степен на образование затоа што првите вработувања ќе бидат на есен, додаде Груевски.
Улогата на градоначалникот Владимир Талески во овој проект,прецизира, е клучна бидејќи го задржа инвеститорот во Македонија и затоа има јавна честитка и благодарност од моја страна.